Фудбалската репрезентација на Македонија до 21 година синоќа загуби во дуелот со Португалија од 3.коло од групата Б на Европското првенство во Полска. Португалија која на претходниот шампионат беше финалист ја победи Македонија со 4:2 (2:1), но тоа беше недоволно како второпласирана да избори полуфинале бидејќи Словачка од групата А има ист број бодови како Португалија – 6 и подобра гол разлика (+3).
Португалија поведе по две минути игра со голот на Едгар Ие, а во 22.минута Брума зголеми на 2:0. Енис Баради го намали водството на Португалија во 40.минута. Португалија до водство од два гола стигна во 57.минута преку Даниел Поденсе. Кире Маркоски во 80.минута намали на 3:2, а конечните 4:2 ги постави Брума во 90+1 минута.
На вториот дуел од групата Шпанија ја победи Србија со 1:0, а стрелец на голот беше Денис Суарез во 38.минута.
Табела: Шпанија 9 бодови, Португалија 6 (+2), Србија 1, Македонија 1.
Денеска се играат натпреварите од 3.коло од групата Ц: Чешка – Данска и Италија – Германија.