Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) на денешното редовно Годишно собрание покрена Иницијатива за преиспитување на лектирата за основно и средно образование.
Оценка на ДПМ е дека содржината на лектирата во голем дел е застоена и не кореспондира со вистинските потреби на образовниот процес и на интересирањата, нивото и сензибилитетот на новите генерации ученици од основното и средното образование. Затоа бара министерствата за култура и за образование и наука да ангажираат независни експерти кои ќе ја разгледаат и анализираат лектирата според естетските и педагошките параметри во духот на современиот образовен систем, како и ослободување на изборот на авторите и делата од какви било идеолошки и други нелитерарни мотиви.
– Ја искажуваме нашата загриженост за сегашната состојба на лектирата не само како писатели, туку како граѓани, родители, учители, воспитувачи и луѓе крај кои растат и се образуваат нови генерации, а со Иницијативата сакаме да потсетиме дека секогаш има можност нештата да се преправат, истакна во обраќањето претседателот на ДПМ Веле Смилевски.
Според ДПМ, лектирата е во самата основа на формирањето на личноста, им се препорачува на учениците и тие со доверба треба да и се препуштат за да станат побогати во сознанијата за животот преку уметноста на пишаниот збор. Оттука, одговорноста на оние што ќе одлучуваат која и каква лектира ќе им биде препорачана на учениците е огромна.
– Во сегашната конфузна и недефинирана ситуација, дел од наставниците го користат правото официјалните списоци на лектири да ги надополнуваат со свои предлози на наслови. Ние безрезервно веруваме во нивниот квалитетот и во нивната добра намера да им го понудат на учениците она што е вредно и интересно, но ваквиот начин на избор на книги кои ќе бидат под ознаката лектирни, наметнува прашања и потпрашања на кои соодветно треба да се одговори, посочи Смилевски, потенцирајќи дека импровизациите на овој план можат да се реперкуираат во непредвидливи и далекусежни последици.
ДПМ нема да прави списоци кои писатели со своите дела треба да влезат во лектирата, а кои не, ниту како Асоцијација има намера да биде арбитар на делата и вредностите кога станува збор за лектирата, но неговите членови како познавачи на проблематиката, книжевни научници, професори, критичари и есеисти, предочи Смилевски, можат да бидат поканети да работат и да дадат свој прилог во надминување на неповолната ситуација.
Тој како исклучително важни за лектираната дејност ги посочи соодносот на домашната и светската литература, соодносот меѓу класиката и модерните трендови во книжевноста, како и издаваштвото, а посебен акцент стави на соодносот на преведувањето на делата од македонските писатели на јазиците на националностите и обратно со оглед дека Македонија е мултиетничко општество. Регулирањето на овие елементи, рече, ќе ги оневозможи кампањското објавување лектири и т.н. диви изданија што се нудат како лектирни, а со тоа ќе се сведе на минимум и евентуалната ситуација на монополи во оваа сфера.
– Има драстичен податок дека некои лектирни изданија на македонски, албански и турски јазик не се преобјавени со години, изданијата се исцрпени, а дел од тие наслови или воопшто ги нема во библиотеките или ги има во сосема мал број кои никако не може да ги задоволи потребите на учениците, истакна претседателот на ДПМ.
Смилевски подвлече дека образованието и литературата се живи, динамични процеси и нивниот развој треба да биде внимателно и соодветно стручно проследуван, анализиран и тертиран. Тоа е и појдовната основа.