Независниот синдикат порачува: Нека се скрати на превоз на пратеници, на апанажи, на службени возила и ќе има пари и за просветните работници

Од:

Штрајкот како принуда да се постигнат повисоки плати во образованието досега беше единственствениот ефикасен механизам кој функционира не само овде, туку во целиот регион. Освен во малку случаи, речиси никогаш немало зголемување на платите доколку немало и прекин на наставата. Затоа СОНК и не го исклучува ова како последен механизам доколку не успеат преговорите со Министерството за образование за зголемување на платите за 12 проценти.

Ситуација наликува на последната во Црна Гора. На крајот на декември 2022 година, просветните работници потпишаа со Владата во технички мандат дека сите коефициенти ќе се зголемат за 20 проценти од 1 јануари 2023 година, односно за дополнителни 10 проценти од јануари 2024 година.

Владата на Милојко Спајиќ, која во меѓувреме беше избрана, тоа зголемување не го вклучи во буџетот за годинава со образложение дека пари нема. Во февруари имаше штрајк и добија- Од 1 јули зголемување на коефициентите за 10 проценти за сите вработени во образованието, а од 1 септември ново зголемување преку нето-покачување од најмалку 17 проценти.

Според проценките, зголемување за околу 14.000 вработени Црна Гора ќе ја чинат дополнителни 18 милиони евра.

Кај нас за да може да се исплати зголемувањето, односно да се излезе во пресрет на наставниот кадар според СОНК е потребна помала сума.

„Според нашите пресметки, што можеби и не се најпрецизни, за останатите четири месеци до крајот на оваа фискална година, потребни се дополнително околу 6 милиони евра“, изјави за А1он, Јаким Неделков, претседател на СОНК.

Но и тие пари ги нема. Министерството останува на ставот дека најрано зголемување на платите може да се случи во март, следната година. Од таму за А1он изјавија дека не постои можност за обезбедување средства за оваа година.

Од Независниот синдикат за образование и наука сугерираат да се скратат други трошења на владата и на тој начин да се обезбедат средства за зголемување на платите на наставниците.

„Како Независен синдикат за образование и наука сметаме дека владата мора да даде поголем напор и да обезбеди средства за раст на платите во 2024. Сведоци сме на многу непотребни трошоци во државата, високи плати на функционерите. Во државата е потребно да се започне со план за рационална распределба на буџетот и намалување на непотребните трошоци. Постојат многу непродуктивни трошоци од кои може да се откаже државата со цел да обезбеди средства за раст на платите во секторот образование. Просветните работници имаат најголема забелешка за трошоците за превоз на пратениците, исплатата на апанажа за поранешните функционери, трошоци за службени возила и слични привилегии“, изјави за А1он, претседателот на Независниот синдикат за образование и наука, Томислав Гиевски.

Од СОНК за А1он кажаа дека не сакаат да се мешаат во буџетот на Владата, но сепак апелираат да се најде начин да се исполнат барањата.

За да се задоволи барањето на просветните работници требаат помалку пари од тие за зголемување на пензиите. На прашањето зошто во буџетот има пари за зголемување на пензиите, а нема за наставниците, Гиевски од Независниот синдикат за образование и наука вели дека решавањето на проблемот со пензиите бил ставен како приоритет на новата влада токму како резултат на добрата организираност на пензионерите кои покажале борбеност и истрајност во остварување на своите цели.

„Таква форма на организираност недостасува и кај нас просветните работници со цел постигнување на нашите барања. Од владата немаме добиено одговор по однос на нашите барања, а образложението на Министерството за образование и наука е дека поради непланско работење и заостанати долгови на минатото раководство, буџетот на Министерството за образование и наука е испразнет и не е во можност да предвиди раст на платите во секторот образование“, изјави за А1он Томислав Гиевски, претседател на Независниот синдикат за образование и наука.

Колку се платени македонските просветни разботници?

Просветните работници во Македонија се на дното на скалата по однос на примањата. Иако во сите држави во регионот редовно има потреси околу висината на платите, сепак македонските просветари се со најмали примања.

И според СОНК, платите се најниски во регионот.

„Основната плата на наставник во основно образование е околу 33.500,00 денари, во средно образование околу 34.600,00 денари, а во високото образование во зависност од работното место и звањето на наставникот, платата се движи од 50.000,00 до 80.000,00 денари. Платите во образованието во Македонија во споредба со платите во регионот и ЕУ се едни од најниските. Сепак, за компарација, треба да се зема % под или над просечната или минималната плата во земјата, а не апсолутна вредност на платата во евра, од причина што различни се животните стандарди во европските држави, Балканот и Македонија“, изјави Јаким Неделков, претседател на СОНК.

Во февруари, одредени синдикати во Хрватска организираа протести поради како што го нарекоа „срамно“ ниското зголемување на коефициентите за наставниците и наставниците без повисоки звања. Според новиот Правилник што го донесе Владата пред парламентарните избори, во март годинава, наставниците добија покачување преку коефициенти, при што најмал коефициент за наставниците и наставниците кои не напредувале на повисоки позиции сега е 2,01.

Просечната плата на учител без повисоко звање со најмал коефициент 2,01 е зголемена за 152 евра нето во однос на октомври минатата година. Сега изнесува 1.477 евра нето. Медијалната плата е 1.570 евра нето.

Наставниците, вишите советници со највисок коефициент 2,62 во март имале просечна плата од 2.098 евра нето. Споредено со просечната нето плата за октомври 2023 година, ова е зголемување за 311 евра.

Учителите во експерименталната целодневна училишна програма имаат повисоки плати поради нивното учество во експериментот. Така, лани во октомври просечната нето редовна плата без повисоки звања била 1.462 евра, а сега е 1.720 евра, што е зголемување за 258 евра.

Просветните работници во Србија наместо до крајот на оваа година, од 1 јануари 2025 година ќе имаат двоцифрено процентуално зголемување на платите, што ќе биде за 50 отсто повисоко од зголемувањето на платите на останатите вработени во јавниот сектор.

Целта е да се изедначи почетната плата во образованието со просечната плата во Србија, што беше едно од барањата на синдикатот. На веб-страницата на Владата на Србија на 9 август 2024 година беше објавена вест за презентација на резултатите од стодневната работа на Владата на Србија. Зборувајќи за резултатите од работата на Владата, премиерот Милош Вучевиќ, меѓу другото, рече дека целта на сегашната Влада е просечната плата во Србија до крајот на 2024 година да биде 927 евра или 1.400 евра до крајот на 2027 година.

Просветните работници во БиХ веќе имаат плати над националниот просек, а единствени исклучоци се Црна Гора и Македонија.

Во БиХ, дури и учител со околу 30 години стаж има речиси две просечни плати. Платата на наставник во основно училиште во Сараево е 1.524 KM (околу 750 евра). Платата на наставник во основно училиште во Република Српска е 1.576 KM (околу 755 евра), наставник со високо образование во основно училиште има плата од 1.373 KM (околу 660 евра), а платата на професор во гимназија е 1.640 KM (околу 810 евра).

Потребен е нов колективен договор

Проблемот во основното и средното образование е целосното непочитување на колективните договори, односно на методологијата за пресметка на плата.

„Колективниот договор во секторот образование е од 2008 година и истиот е во сила до денес. Најдобра шанса за потпишување на колективен договор беше во пролета 2022 кога 95% од просветните работници учесвуваа во штрајк. Таа шанса не се искористи и се надеваме дека повторно, преку истите методи, во иднина ќе се успее да се потпише пристоен колективен договор во секторот образование. НСОН како синдикат активно работи да постигне репрезентативност и да стане страна за потпишување на колективен договор“, изјави за А1он Томислав Гиевски, претседател на Независниот синдикат за образование и наука.

Методологијата сега се состои од коефициент помножен со најниската плата, која во секторот образование е за висок процент пониска од минималната плата на државно ниво. Тоа е математиката која води до тоа просветните работници да бидат потпросечно платени, односно со почетна плата којашто е секогаш пониска од републичкиот просек. Доколку колективниот договор се спроведе како што треба, почетната плата на просветните работници треба да се зголеми двојно.

„Во моментов, репрезентативноста на СОНК е истечена ( се обновува на секои 3 години) и заради опструкција на членовите на комисијата за докажување на репрезентативност, особено на членовите на ССМ, која трае скоро 2 години, а тоа значи нанесување на огромна штета на вработените во основното и средното образование. Се надеваме дека периодот што следува, овој проблем ќе се надмине и ќе отпочнат преговорите со новото раководство на МОН за усогласување на текстовите на Колективните договори, како и нивно потпишување“, изјави за А1он, Јаким Неделков, претседател на СОНК.

Од Министерството за образование се расположени за нов колективен договор.

„Секако, во текот на мандатот на Владата предвидено е и склучување на нов колективен договор за основно и за средно образование со што ќе се обезбедат повеќе права и можности за просветните работници“, велат од Министерството за образование.

 

Со овој текст, А1он.мк се приклучува на иницијативата за зголеменатранспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.

Би можело да ве интересира

Јаневска: Зголемување на платите за пет отсто ќе добијат и другите кадри во образовниот систем

Филипче: Само 5% покачување плати за наставниците е обид да се намали гневот

СДСМ: Наместо 12% наставниците добиваат само 5% зголемување на платите

Наставниците и професорите ќе добиваат плати повисоки за пет проценти, зголемување ќе имаат секоја година

Катерина Ѓуровски

Повисоки плати за наставниците сепак оваа година, Јаневска вели се појавила реална можност

Маж се самозапали за време на протест

Предраг Петровиќ