Николовски: Правиме вончовечки напори за решавање на проблемите

Од:

Не смееме да се служиме со лажни информации и манипулации, тука сме да ги решаваме проблемите на земјоделците. Овие неколку дена правиме вончовечки напори за да ги откочиме сите блокирани процеси, изјави денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски по средбата со овоштарите во Росоман.

Николовски ја повтори одлуката за дополнителните шест денари субвенции со која ќе им се помогне на овоштарите и рече дека сериозно се размислува за сите други нивни барања. Воедно демантира дека има увоз на праски. Тоа, според него, е, како што рече, бескруполозна лага пласирана од одредени поединци.

– Овие десетина дена во Министерството се решаваат проблеми кои ги има над 11 години. Се прават вончовечки напори за надминување на сите отворени прашања, ненаправениот редовен попис, блокираната исплата на субвенциите, блокадата од АД Водостопанство,… Не е направено ништо и во однос на исплатата на штетите од неповолните временски услови изминатите години, како и од годинашното измрзнување, посочи министерот.

Во врска со исплатата на штетите од неповолните временски услови претходната влада, потенцира, нема ништо преземено. Не постојат, предочи, ниту записници во Министерството или подрачните единици врз основа на кои би се направила проценката на штетата.

– Не е сторено ништо иако се зборуваше дека за 2015, 2016, 2017 година сто проценти ќе биде исплатена штетата од неповолните временски услови, дека се било завршено. Лага е и дека со одлука е утврден ваквиот процент. Не се ни внесени во програмите на Министерството основите како луѓето ќе бидат исплатени. Како може со месеци да не внесете основ како дополнителна мерка со која ќе може да се изврши исплата, а ги лажете луѓето дека требало да бидат исплатени, напомена министерот.

Според него, МЗШВ почна со решавање на проблемите. За 2016 и 2017 година е сменета Програмата, внесена е дополнителна мерка како основа за исплаќање на штетите и постапката ќе продолжи.

Николовски рече дека дополнителен проблем е и тоа што не е завршен процесот за апликација за годинашните субвенции поради што и рокот за поднесување барања е прлонгиран до 15 септември.

– Не може веќе со оваа категорија граѓани да се манипулира, не може секојдневно со политички прес-конференции да се шират лаги, манипулации и да се продолжи таа пракса. Проблемите треба системски да се решаваат. Владата целосно ќе се насочи во тој правец. Неопходна е силна и цврста поддршка за вистинско решавање на проблемите, рече министерот.

Овоштарите од Росоман кои втор ден протестираат поради немањето пласман и ниските цени на праските, во разговорт со Николовски се пожалиле на непрофесионалниот однос од страна на раководната структура во Водостопанство и на нефункционирањето на оваа институција.

– Веќе е почната постапката за смена на раководната структура во АД Водостопанство. Не само што е проблем исплатата на субвенции која со сите напори ја надминуваме, туку имаме проблем кој е суштински со пуштањето на системот за наводнување и со водата. Тоа е недозволиво и мора да има одговорност. Тоа е една од причините во нашите анализи за лошиот квалитет на праската, истакна Николовски.

Би можело да ве интересира

Лефков: Владата го зголеми Буџетот за земјоделство, фокус модернизацијата и наводнувањето

СДСМ: ДПМНЕ ги заглави субвенциите а се фали со мерките на СДСМ за јачменот, пченицата, грозјето

Николоски: Обезбедивме плати за Пошта и за Железници

Земјоделците од штипските села се жалат дека немаат вода за наводнување на културите

Филипче најави тужба за клевета против Николоски – го нарече „кафански озборувач“

(ВИДЕО) Николоски: Очекувам двојна победа, победа на претседателските избори и победа на парламентарните избори