Економската соработка меѓу Македонија и Франција е одлична и интензивна, а поддршката која Франција и ја дава на Македонија е од големо значење за интеграцијата на земјата во евро-атлантските структури, оценија министерот за економија Крешник Бектеши и францускиот амбасадор Кристиан Тимоние на денешната средба во Скопје.
Бектеши и Тимоние, информираат од Министерството за економија, заклучија дека постои желба и потенцијал меѓусебната соработка да се прошири во повеќе области, поконкретно во областа на инвестициите од страна на заинтересирани француски компании, ангажирање во изградба на капитални објекти во сферата на енергетиката и зголемување на бројот на туристи од Франција во нашата земја и обратно.
Министерот Бектеши се заблагодарил на амбасадорот за поддршката што Република Франција постојано ја дава на Република Македонија и особено на Министерството за економија, додавајќи дека иако Македонија е дел од Европа, се уште постои потреба да добие поддршка од Франција за да се приклучи на ЕУ и НАТО.
Амбасадорот Тимоние се заблагодарил на министерот за средбата, ветувајќи дека поддршката на Франција за Македонија како пријателска земја ќе продолжи и во иднина.