За докторот Таравари првпат слушнав пред неколку години од моите родители, кои не штедеа убави зборови за неговото работење како невролог. Паметам дека по кратко време почнав да го гледам докторот на тв откако активно се вклучи во политиката, чинам дека тоа беше во ДПА.
Помина некое време и во јавноста се појави информација дека се формира фракција во ДПА предводена од сегашниот лидер на ААЗ, Зијадин Села, која беше наречена Движење за реформи во ДПА и повторно овде се појави докторот Таравари, кого сè уште го немав запознаено лично, го знаев само од тв и од муабетите по дома.
Со започнувањето на протестите на Шарената револуција сè почесто почнав да го гледам докторот, кој протестираше рамо до рамо со нас. Ми беше многу невообичаено (имајќи го предвид фактот дека тие денови многу малку албански политичари секојдневно беа на улиците со нас). Еден ден го видов пред ЕУ инфоцентарот, кога марширавме кон Грујовата населба. Му пријдов и му реков: „Докторе, ние не се познаваме лично, но јас ве познавам бидејќи во моето семејство сте прилично популарен“. Се насмеа во свој стил, ми се заблагодари и продолживме секој по својот пат. Така, и во наредните денови кога ќе се сретневме на протести редовно се поздравуваме.
На еден од последните протести во Скопје почна пороен дожд, со силни грмотевици, тие што беа тој ден на протест го паметат тоа невреме. Протестот почна и ние тргнавме кон владата, а дождот непрестането врнеше толку многу што јас и моите другари накиснавме целосно, немавме ниту чадор ниту никаква опрема за заштита од дождот. Во еден момент, паметам, стана многу ладно, ми се наежи целото тело од студ и точно некаде пред влада, така накиснат, со треска, налетав на докторот Таравари. Ме виде во каква состојба сум и одеднаш инстинктивно, како вистински лекар, ја соблече својата тренерка, ми ја даде и ми рече: „Земи ја тренерката Замир, ќе настинеш!“ Останав без зборови, но се почувствував убаво, ми ја стопли душата. „Благодарам многу докторе, – му реков – ќе ви ја вратам тренерката наредните денови“. „Земи ја тренерката и продолжи со работа и не мисли да ми ја вратиш… твоја е“, ми рече докторот, ме прегрна и си заминавме секој по својот пат.
Тренерката, која во тие моменти живот значеше, сè уште е кај мене дома и ќе ја чувам засекогаш.
Кога новото парламентарно мнозинство го предложи Таравари како предлог за министер за здравство бев пресреќен бидејќи бев сигурен дека токму тој е вистинскиот човек за таа позиција.
Му се јавив, му честитав и му реков: „Докторе, пресреќен сум за Вас, Ви честитам од срце и убеден сум дека ќе бидете солиден министер и се надевам на успешна професионална соработка“.
„Благодарам Замир, се надевам дека ќе успееме… нè чека тешка работа, но ќе дадам сè од себе да успееме, со Господ напред“, ми одговори Таравари.
Еве поминаа неколку недели од неговото министерување и во мојата кариера како новинар никогаш не сум сведочел на министер толку отворен кон медиумите. Секојдневно му се јавувам и, верувајте, веднаш одговара на моите повици, а и на повиците на моите колеги, љубезен е и достапен во секој момент, како што му доликува на еден министер за здравство.
Сакам да кажам дека со вакви луѓе на толку високи позиции сигурно нас како општество ќе нѐ биде, а Македонија ќе биде подобра и посигурна држава за живеење.
Сето ова е голем мотив за поддршка кон работата на Таравари, кој како министер има огромен предизвик пред себе да го среди здравството, да го исчисти од коруптивните скандали кои со години го следат ова министерство. Почетокот е фуриозен и искрено се надевам дека вака ќе продолжи, во спротивно ќе ја загуби целосната позитивна репутација кај мене, а богами и кај целокупната јавност.
Замир Мехмети