Нема нови услови за добивање позитивни оценки во претстојниот извештај на Европската комисија во врска со ПЈР Македонија, нема нови услови и ништо што ја става Европската унија против и во контрадикција со рeзолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации.
Ова е одговорот на комесарот за проширување на ЕУ, Штефан Филе на прашањето поставено од страна на дописникот на МИА од Брисел на прес-конференција во зградата на Советот, а во врска со тврдењето на грчкиот премиер Андонис Самарас дека само со решение на наметнатиот спор за името Македонија ќе ги почне пристапните преговори.
– Посветивме многу време драфтирајќи го вордингот на заклучоците на Советот и затоа мислам дека истите не даваат голем простор за различна интепретација. Нема нови услови за Македонија што ќе треба да ги исполни во рамки на претстојниот пролетен извештај на Европската комисија, ниту нешто во залучоците и препораките на Советот што ќе оди против или ќе биде контрадиткорно со резолуциите на за нас релевантниот Совет за безбедност на Обединетите нации, потенцира Филе.
Еврокомесарот за проширување додаде дека позитивната оценка во извештајот на ЕК ќе зависи од превземените чекори, и дека е есенцијално решавањето на прашањето за името, што според него е дел од пакетот “добрососедски односи”, кои се пак важен дел од Копенхашките критериуми.
– Морам да потенцирам дека Европскиот совет делува со консензус за ова прашање. Текстот во заклучокот не може да биде појасен и затоа ние добивме мандат да изготвиме нов извештај. Се надевам дека политичарите во Македонија и Скопје ќе сфатат за што се работи и дека ќе се насочат кон оваа шанса што дава можност земјата да оди напред во евроинтеграцијата, додаде Филе.
Високи претставници на Унијата што инсистираат на анонимност, потврдуваат дека извештајот на Филе и Директоратот за проширување апсолутно нема да зависи од конечно решавање на прашањето за името, туку од превземените чекори во оваа насока и оти доколку Македонија продолжи со истото темпо на реформи и размена на писма и средби со лидерите на соседните земји, тој апсолутно ќе биде позитивен.
Но, истите извори потврдуваат дека, сепак, на крајот, дали нашата земја ќе ги почне преговорите повторно зависи од одлуката на Европскиот совет.
Инаку, на денешната средба со новинарите по повод затворањето на поглавјето 25 со Црна Гора, комесарот Филе потенцираше дека очекува Црногорците да го превземат факелот од Хрватите, откако тие идното лето ќе станат 28-мата членка на Унијата, и да бдиат следните што по Хрватска ќе се приклучат на големото европско семејство.