Денеска истекува првиот рок во кој СЈО може да поднесува обвиненија за 34 предмети што ги презеде од обвинителството на Марко Зврлевски.
Случајот за нарачаните шамари за градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски од страна на екс премиерот Никола Груевски и демолирањето на општината и случајот „Транспортер“ против градоначалникот на Битола Владимир Талески се двата предмети преземени од Основните јавни обвинителства за кои Специјалното јавно обвинителство поднесе обвиненија.
Покрај двете обвиненија, од предметите преземени од Зврлевски оформени се истраги за предметот „Тортура“ за апсењето на Љубе Бошкоски, „ТНТ“ за уривањето на комплексот Космос на Фијат Цаноски и за „Титаник“ во кој се опфатени повеќе кривични дела поврзани со изборни нерегуларности.
Што се однесува на прислушуваните разговори што ги предаде СДСМ, рокот за поднесување обвиненија истекува на 30 јуни.
Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева во повеќе наврати апелираше да се продолжи рокот бидејќи за некои истраги е потребно повеќе време за да се обезбедат докази. Освен тоа, од СЈО посочуваа дека нивната работа е постојано опструирана на повеќе начини.
За промена на законот и продолжување на рокот на СЈО е потребно двотретинско мнозинство, но пратениците на ВМРО-ДПМНЕ веќе се изјаснија дека нема да поддржат таков предлог.
Експертите појаснуваат дека предметите за кои е изминат рокот на СЈО може понатаму да се истражуваат и да резултираат со обвиненија доколку СЈО се интегрира со Републичкото јавно обвинителство или доколку предметите преминат во надлежност на ЈОРМ. Уште првиот ден премиерот Зоран Заев го повика државниот јавен обвинител Марко Зврлевски да поднесе оставка, со што ќе почнат реформите во судството.