Македонската фудбалска репрезентација бележи пад од три позиции на најновата рејтинг листа што денеска ја објави Светската фудбалска асоцијација (ФИФА). „Црвено-жолтите“ со 218 бодови се наоѓаат на 136.место.
Од нашата квалификациска група за пласман на Светското првенство 2018, најдобро котира Шпанија (10.место), пред Италија (12), Израел (55), Албанија (66) и Лихтенштајн (186).
Во однос на мајското рангирање во ТОП 10 влезе Полска која се изедначи по освоени бодови со Шпанија и сега го делат 10.место. Лидер е Бразил, а по него следуваат: Аргентина, Германија, Чиле, Колумбија, Франција, Белгија, Португалија, Швајцарија.
Следното рангирање ФИФА ќе го изврши на 6 јули.