Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг денеска изјави дека е во контакт со Германија и Турција во врска со нивниот последен спор околу правата на германски претставници да ги посетат војниците на Бундесверот стацинирани во турската воздухопловна база „Инџирлик“.
– Жал ми е поради оваа кавга меѓу двајца партнери во НАТО, порача Столтенберг во изјава за „Билд“.
Тој изјави дека е фокусиран на изнаоѓање на решение за спорот, при што упати критика кон Владата во Берлин поради најавите дека размилсува за повлекување на германските војници од Турција.
Најновиот спор во односите меѓу Германија и Турција започна кога Анкара реши да не им дозволи на група пратеници во Бундестагот да ги посетат 270-те германски војници кои се наоѓаат во „Инџирлик“. По ваквата одлука на Анкара, Германија најави дека ја разгледува можноста за повлекување на своите авиони од базата, кои се вклучени како поддршка во кампањата на антиџихадистичката коалиција предводена од САД за напади врз позициите на групата Исламска Држава (ИД).