Светската здравствена организација (СЗО) годишно троши по околу 200 милиони долари на службени патувања, сума која е далеку повисока од средставата наменети за борба против некои од најголемите здравствени проблеми, вклучително и справувањето со СИДА-та, туберкулозата и маларијата, се наведува во интерен извештај на Организацијата.
Во документот се посочува дека СЗО лани издвоила околу 71 милион долари за борба против СИДА-та и хепетитисот, за справување со маларијата биле потрошени 61 милион долари, а за спречување на ширењето на туберколозата биле наменети 59 милиони долари.
Од друга страна, според извештајот, за некои програми на СЗО биле издвоени значителни средства, како што е случајот за справувањето со детската парализа, за што биле наменети околу 450 милиони долари.
Од 2013 година, па до лани, СЗО за службени патувања потрошила вкупно 803 милиони долари.
Годишниот буџет на СЗО изнесува околу две милијарди долари.
Во коментар на ваквите податоци, претставник на СЗО изјави дека „природата на дејноста на Организацијата често налага нејзините службеници да патуваат“.
Тој нагласи дека трошоците за службени патувања лани биле намалени за 14 проценти во однос на 2015 година, кога службници на СЗО често патувале во земјите од Западна Африка поради епидемијата на ебола.
Ваквиот извештај доаѓа по скандалот со неодамнешната посета на генералната директорка на СЗО, Маргарет Чен на Гвинеја, која беше една од најтешко погодените земји од епидемијата на ебола, при што беше сместена во претседателскиот апартман во хотелот „Палм Камајен“ во Конакри, каде ноќевање чини 900 евра.
СЗО одби да обелодени на чиј трошок престојувала Чен во овој апартман, нагласувајќи само дека „понекогаш хотелското сместување го плаќа државата домаќин“.