Засилен северен ветер кој на повисоките места достигнуваше до 70 километри на час и нестабилност со појава на град е регистрирана околу Валандово, денеска попладне. Поизразена нестабилност со пороен со пороен дожд и грмежи имало и во Охридко-Преспанскиот регион, од Ресен, преку Галичица, до Охрид и јужно од Охрид.
Времето до крајот на денот ќе остане променливо облачно со умерен до засилен северен ветер. Услови за нестабилност и натаму има во јужните делови од земјата. Облачноста од север ќе се намалува, а во вечерните часови времето секаде ќе се стабилизира.
Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Околу пладне и попладне со краткотраен локален дожд и грмежи. Ќе дува умерен до засилен северозападен ветер, особено долж Повардарието. Минималната температура ќе се движи од 6 до 13, а максималната од 19 до 27 степени.
Во Скопје и околината сончево со мала до умерена облачност, околу пладне и попладне со услови за краткотраен дожд и ретки грмежи. Ќе дува умерен до засилен северозападен ветер. Температурата ќе се движи од 11 до 23 степени.
Во наредните денови подрачјето на Македонија ќе биде под влијание на влажни воздушни бранови што ќе предизвика времето да биде променливо облачно и нестабилно, со повремени врнежи од дожд, на места проследени со грмежи. Повеќе врнежи ќе има од вторник до четврток. Најинтензивни процеси, локално и во форма на невреме се очекува да има во вторник. Од среда ќе биде и посвежо, а од четврток ќе дува и засилен северен ветер.
