Иако минатата недела најавив дека денес ќе се занимавам со слободното новинарство во Македонија, сепак, состанокот на Европскиот совет и заклучоците за Македонија, дефинитивно заслужуваат да бидат приоритет. Искрено, не верувам дека слободата на медиумите драстично ќе се подобри во следните неколку недели, не во мојата чудесна земја.
Накратко ќе се вратиме во 2005 година. Тоа беа убави времиња за Македонија. Лидер во рамки на Јадранската група, на чело на возот кон НАТО. Заслужено заработен статус на земја – кандидат за членство во Европската унија, рамо до рамо со Хрватска, пример за сите земји во Западен Балкан.
Тоа беа времиња кога беше гордост да бидеш Македонец. Почитуван и ценет од стратешките партнери САД и ЕУ, партнер со соседните држави, репер за помалку напредните во однос на почитувањето на човековите права и меѓуетничките односи. И тогаш…се случи Никола!
Сега сме 2012 година. Во Кинескиот хороскоп година на змејот, во македонската реалност, година на мизеријата и бесперспективноста. На момент помислувам дека живееме во трагедија на Софокле или Еврипид. Од една страна, имаме меѓународна заедница која од петни жили се обидува да не интегрира. Прогледува низ прсти, замижува. Прифаќа ad hoc закони во Собрание кои наводно драматично треба да ја подобрат слободата на изразувањето и владеењето на правото, измислува ХЛАД-ови (претпристапен дијалог на високо ниво)…
Од друга страна, имаме власт чиј најголем дострел е да еректира споменик на сред плоштад, да преименува аеродром и автопат, системски да работи на ревидирање на идентитетот на сопствениот народ. На крајот, сите се зачудени. Замислете, нема датум за нас. Ај што нема датум, туку од еден услов, сега се надградивме на три. Се надградивме, а бога ми и проширивме – во 100 чекори. Сега сигурно си го пишуваме манифестот…за џенем.
Тоа што посебно “восхитува” се реакциите на нашите владеачки партии. Едните, овие на Никола, замислете, се разочарани. А, дали некогаш се запрашале да не е случајно некој разочаран од нив? Највисок процент на невработеност во Европа, највисоко ниво на сиромаштија, корупцијата ни е бренд, а протестирањето против опозицијата заштитен знак. За лажни стечајци, земјоделци и лекари сме “закон”, а вработувањето со партиска книшка ни е spiritus movens.
Другите, овие на Али, прогласија голем успех! Вицепремиерката Арифи “блесна” со својата изјава. Најигнорантски, се обиде на македонската јавност да и’ ги презентира “нај најпозитивните” заклучоци во македонската евро – интеграциска историја. За жал, Вицепремиерката не успеала да се договори со својата јатрва околу партискиот став. Во случајот, г-ѓа Мехмети имаше најмногу доблест да излезе и да каже дека станува збор за едно големо фијаско. Буквално, ги “тресна од земја” и јатрва си, а бога ми и партискиот шеф.
Загрижуваат и изјавите на евроскептичните македонски експерти. Како со душа да чекаа да ни кажат НЕ од Брисел, за да почнат со својата анти – бриселска какафонија. Удри со дрвја и камења по еврократите! Ценети умни глави, не дозволувајте да бидете маша во рацете на некој центар за комуникации со јавноста. Сепак, сте вложиле многу во градење на сопствените кариери и личниот углед. Стрпете се, овој хорор наскоро ќе заврши.
А, тогаш, сите зaедно макотрпно ќе треба да работиме на европската иднина на Македонија. Сите зеднички ќе треба да се заложиме за владеење на правото, за фер и независно судство, за конкурентна бизнис клима и одговорна и транспарентна власт.
Ајде сите заедно да покажеме дека Македонија нема алтернативна иднина освен европската. За вас не знам, но јас немам резервна татковина која заслужува уште долго да биде заложник во европската чекалница!
p.s. Почитуван г-н Штефан Филе, можеби # Skopje не доби датум за отпочнување на преговорите, но Македонија наскоро ќе Ви покаже дека знае да практикува европски вредности, понекогаш дури и подобро од вас самите!
Иван Стефановски, авторот е магистар по Уставно право