Судијка на претходна постапка денеска повторно ќе решава дали ќе му одреди притвор на бизнисменот и сопственик на ТВ Нова, Сеад Кочан.
И покрај жестоките негативни реакции кај експертската јавност, Врховниот суд пред неколку дена ги укина решенијата за притвор на Кочан на Кривичните совети на Кривичниот и на Апелацискиот суд.
Судијката ќе треба повторно да ги разгледа доказите што ги има СЈО и да донесе одлука. Обвинителите од СЈО ќе го искажат ставот зошто е потребно Кочан да биде во притвор, кој беше во бегство речиси два месци по одредување на мерката притвор и распишување на меѓународна потерница.
Неговиот адвокат најпрво го бранеше дека е на службен пат.
Веднаш по соопштување на решението за укинување на притворот, Кочан се врати во Македонија и веднаш потоа се пријавил на Клиниката за кардиологија во Клиничкиот центар во Скопје. Барањето за заштита на законитоста, што беше спорно за експертите поднесе Јавното обвинителство предводено од Марко Зврлевски.
Кочан е осомничен во истрага на СЈО во кое се осомничени „Трансмет“, „Силекс неметали СТ“ и „ВАТО“ за фалсификувани документи за учество на тендер на Електрани на Македонија (ЕЛЕМ). Според СЈО, конзорциумот од трите фирми остварил противправна имотна корист во износ од една милијарда денари или околу 17 милиони евра при јавна набавка за ископ на јаловина во рудникот Суводол во ноември 2011 година.
Сметките и имотот на „Трансмет“ на Кочан се замрзнати, но телевизијата нормално функционира.