Групата која му помагаше на американскиот бегалец Едвард Сноуден да се сокрие во Хонг Конг, откако побегна од САД и пред да се префрли во Русија , не добија азил од хонгконшките власти, јави Би-Би-Си.
Станува збор за двајца мажи и две жени, кои како двојки со деца, престојуваат во оваа територија со специјален статус, во очекување како азиланти да добијат дозвола за постојан престој.
Двајцата мажи и едната жена се од Шри Ланка, додека втората жена е Филипинка. Во 2013 година, во нивните станови во Хонг Конг тие го криеле Сноуден по кого беше распишана меѓународна потерница.
Со бегалецот од САД ги запознал нивниот адвокат Роберт Тибо, кој ги водел нивните случаи околу азилот.
Нивниот идентитет беше чуван во тајност, се додека не беше прикажана премиерата за филмот на американскиот режисер Оливер Стоун, направен за случајот со Сноуден.
Едвард Сноуден е поранешен оперативец, ангажиран по договор, во американската разузнавачка агенција НСА.
Пред четири години тој открадна голем број тајни и доверливи материјали и фајлови за операцијата на тајните служби на САД со која се надгледува комуникацијата што се води преку интернет и мобилната телефонија.
Откако украдените материјали дозволи да се објават на интернет, тој избега во Хонг Конг, а по двонеделното сокривање, пребегна во Москва, каде и денеска престојува.
Никој не знае што тој работи во Русија, ниту пак каде точно престојува, но повремено се јавува преку видео линкови за да дава интервјуа, или за да учествува во дебати каде се осудва американската политика.
Во САД од порано на него не се гледа како на „свиркач“. Тој за американските власти, но и за пошироката јавност, се третира како шпион.
Во образложението на хонгконшките власти, за недавањето азил на оваа четиричлена група, се вели дека никој од нив во своите матични земји не се соочува со закана и насилство.
Адвокатот Тибо изјави за тамошните медиуми дека одлуката е неправична и со друга заднина, но сега мора да обезбеди услови за жалба во рок од две недели, за да сите не бидат депортирани од Хонг Конг.
Групата од две двојки, има поднесено барање за азил и во Канада.