Вкупно 14 нови дела покрај досегашните 1.000 од проектот „Превод на стручни и научни книги и учебници“, беа промовирани денеска во специјализираната читална во Градскиот трговски центар во Скопје.
Како што рече техничкиот заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски, проектот покажа одлични резултати и продолжува да се имплементира. Ќе биде надграден со превод на нови 200 светски наслови, по 50 во следните четири години. Концептот за превод е веќе дефиниран.
Читалната, пак, утре одбележува шест години постоење, период во кој надмина бројка од еден милион посетители.
– Новите 14 стручни книги кои се пред нас на денешната 64. промоција од почетокот на проектот или прва на книги од новата едиција, се од областа на медицината, стоматологијата, земјоделските науки и педагогијата. Од овие области ќе бидат и преостанатите дела предвидени за превод во оваа календарска година, рече Ристовски.
Во 2018-та ќе бидат преведени наслови од природно-математичките науки и од економијата, а потоа и од областа на правото, рударско-геолошките и технолошко-металуршките факултети.
– Последната година ќе биде модернизиран и надграден фондот на стручна и научна литература за потребите на Градежниот, Архитектонскиот, Машинскиот и Факултетот за ветеринарна медицина, најави заменик-министерот.