Започна асфалтирањето на два патни правца во кривопаланечкото село Конопница, со финансии од Светска банка во износ од 260.000 евра и 30.000 евра од буџетот на општина Крива Паланка.
– Од утрово се асфалтира локалниот пат во село Конопница од м.в Штала кој е спој со магистралата М2, со должина од 716 метри, каде се изградени и потпорни стени, а од двете страни на патот кој е широк пет метри има и пешачки патеки. Во текот на денот ќе бидат вградени околу 200 тона асфалт, а утре ќе се асфалтира и патниот правец во маала Деловодци преку местото викано Кула до Црквата со должина од 1.100 метри, изјави градоначалникот на Крива Паланка, Арсенчо Алексовски кој изврши увид во активностите на терен.
Алексовски истакна дека двата патни правца ќе го олеснат пристапот на жителите на селото до општина Крива Паланка, но овозможена е и побрза сообраќајна комуникација со магистралниот пат Крива Паланка-Куманово.
– Овие два патни правци се исклучително важни за населението кое гравитира кон нив, а на овој начин ќе им обезбедиме подобри инфраструктурни услуги и решавање на децениските проблеми за полесен пристап до градот. Истовремено, изградбата на двата патни правци беше и дел од предизборните ветувања, кои еве, се реализираат, вели Aлексовски.
По асфалтирање во Конопница ќе се асфалтира улицата „Ацо Шопов“ во градот, која е дел од проектот за изградба на три приоритетни патни правци во општината.
– На улицата „Ацо Шопов“ беа одложени градежните активности за краток период поради средување и премостување на електронски и телекомуникациски кабли, а по асфалтирањето во Конопница ќе се асфалтираа и крак 1 од оваа улица со должина од 305 метри, додаде Алексовски.