Во рамки на работната посета на Република Турција македонскиот претседател Ѓорге Иванов денеска во Истанбул се обрати на 17. Глобален лидерски форум, што го организира престижниот Универзитет Бахчешехир.
Како што соопшти Кабинетот на Претседателот, на свеченото отворање на Глобалниот лидерски форум, Иванов зборувал за предизвиците на лидерството во 21 век.
– Сомнежот во авторитетите, потрагата по вистина и желбата за личен успех укажуваат на основната причина за кризата на лидерството. А тоа е моралниот вакум во лидерството, истакнал претседателот Иванов.
Во таа насока, потсетил дека е неопходно одлучно лидерство какво што Република Македонија покажа во справувањето со мигрантската криза.
Осврнувајќи се на примери од минатото, претседателот Иванов навел неколку универзални принципи на успешните лидери, меѓу кои карактерот, интегритетот, подготвеноста да се служи на општото добро и фокусот на луѓето.
На свеченото отворање, информира Кабинетот на Претседателот, Управата на Универзитетот ја обзнани одлуката да се доделат стипендии за мастер и докторски студии што ќе го носат името на претседателот Ѓорге Иванов. Стипендиите ќе се доделуваат на кандидати кои ќе обработуваат теми поврзани со Република Македонија.
Претседателот Иванов заедно со другите високи гости им ги доделија наградите на младите членови на тимот INTEGRA од Гимназијата за природни науки и технологија Бахчешехир кои неодамна ја освоија 3-та награда во светот во меѓународниот натпревар по роботика. Заблагодарувајќи се за укажаната чест, членовите на тимот изразија желба да соработуваат со нивни колеги од Република Македонија.
На вчерашната Гала вечера, се вели во соопштението, претседателот Иванов, меѓу другото се осврна на предизвиците со кои се соочува Република Македонија поради двојните стандарди и негирањето на идентитетот на македонските граѓани.
Универзитетот Бахчишехир е еден од најпрестижните меѓународни приватни универзитети во Турција. На Глобалниот лидерски форум, кој се организира секоја година, учествуваат актуелни и поранешни шефови на држави и влади, министри, амбасадори, истакнати професори од Турција и светот.