Воведување услуги за лична асистенција за луѓето со инавалидитет е насловот под кој во Тетово се одржува дводневен тренинг во рамките на проектот Унапредување на услугите за социјална вклученост.
Активноста е поддржана од ИПА фондовите на Европската унија, а во Македонија се спроведува од организацијата WYG International limited во конзорциум со ESEP Limited и WYG Consulting Ltd.
– Тренингот има работен наслов Лична поддршка за живот, работа и радост и има за цел преку пилот-проект во пракса да го провери начинот на спроведувањето на моделот личен асистент за оваа категорија лица. Започнавме во јули 2015 година и паралелно се работи на измена и дополнувања на законската регулатива во оваа сфера како и поставување на стандарди за спроведување на личната поддршка. Овој пакет мерки треба да биде основа за подобрување на системот на социјалната заштита за лицата со инвалидитет, изјави координаторката на проектот Марјана Јанковиќ.
На дводневниот тренинг учествуваат осум лица со физички инвалидитет – корисници на моделот на лична поддршка од регионите на Тетово и Кичево, нивните идни асистенти кои самите ги избрале, претставници од Здржението Мобилност од Тетово и Гостивар како давател на услугите за време на пробниот пилот-период како и претставници од локалната власт, Центарот за социјални работи, Центарот за вработување од Тетово и претставници на бизнис секторот околу спроведувањето на личната поддршка на работното место.
– Сакаме во сите степени на обуката да бидат вклучени лицата со инвалидитет бидејќи сметаме дека при обуките на личните асистенти и претставниците на јавните служби многу е важно да се слушне мислењето и ставовите токму на овие лица за мерките што треба да се применуваат во иднина да им одговараат најмногу во нивното подобро вклучување во секојдневниот живот и работа во општеството, рече Јанковиќ.
Рокот на завршување на овој проект е јуни, годинава, по што сите заклучоци и предложени законски измени и мерки ќе бидат доставени на Министерството за труд и социјална политика по што треба да започне законската процедура за усвојување на мерките за воведување лична поддршка на лицата со инвалидитет.