Препознатливите рефрени на најпопуларните изворни македонски народни песни во изведба на млади музички таленти од целата земја ќе се на програмата на второто издание на Фестивалот „Фолкорна бајка“ што на 8 мај ќе се одржи во Охрид.
Учеството на фестивалот засега го имаат потврдено дваесеттина деца, на возраст до 16 години.
Целта на манифестацијата, според организаторите, е пред се промовирање на културните вредности, традицијата и уметничката духовност кај младата популација.
– Покрај промоција на старата изворна песна и приближување на народниот мелос до младата популација, сметаме дека ова е добар начин и за откривање млади музички таленти од цела Македонија. Преку народната песна децата од најмали нозе ја осознаваат вредноста што не идентификува како народ со долга традиција, вели уметничкиот директор на фестивалот, Наум Џуклески.