7-ми Април Светски ден на здравството, ден на сите оние кои се грижат за човековото здравје и кои се негови заштитници.
Драги мои колеги, драги мои сестри и севкупен медицински персонал нека ни е честит празникот и нека од оваа година настапи слободата и задоволството кое толку време го чекаме. Поминавме голгота сите овие години, бевме обесправени и угнетени, бевме ставани на зидот на срамот, стигматизирани и личевме на тепих кој сите го тресеа. За жал не останавме сите сплотени успејаа да не скршат и поделат, да ни нанесат и нафрлат бес и меѓусебно да не зајадат за да можат онаа старата – раздели па владеј.
Играта им ја прифатија многумина наши видни колеги, професори, нашите учители. Им станаа полтрони на некој кои не само што не знаат да спасуваат животи туку и одземаат. Тие што не водеа наводно, не се слуги на народот тие се против народот а ние живееме со заклетва за да помагаме на народот. Сите овие години борбата беше навистина мачна на површината, не стигаше нашиот крик за спас никој немаше слух ниту имавме снага посилно да се спротивставиме, секоја наша побуна во вид на кренат глас и глава беше крваво задушувана, бевме сведоци на вистинска тиранија. Станавме боксерска вреќа на секого дури и жива мета за отстрел станавме нешто безвезно и некој упорно пробуваше нашето општествено место да го обезличи и уништи. Мислам дека го доживувавме Пеколот ама не на Данте туку здрвствениот пекол на Тодорофф.
Тој не беше сам во спроведувањето на задачите кои му беа наложени да ги изврши, туку си најде и измеќари од нашите редови, луѓе болни и жедни за внимание и за моќ кои преку ноќ заборавија на се што биле и кој се. Примери имаме безброј, а ние најубаво си ги знаеме, не сакам да помислат дека се ќе се заборави и дека ќе останат недопрени од раката на правдата. Некој од големите полтрон директори и соработници на големиот џојстик министер Тодорофф веќе протестираат и зборуваат за некаква крвава заштита на Македонија. Мислам дека од што се заслепени поради свои лични интереси не ни знаат што зборуваат и дека тие треба да лекуваат, а не да убиваат и тоа најмалку својот сопствен народ. Оваа се граничи со лудило и со психичко пореметување.
Овие години славевме само црни 7-ми Априли, се надевам дека овој ќе е последен и потоа сплотени заедно ќе можеме да се вратиме во нормала и да спроведеме една нова реформа која нуди надеж. Реформа во сите пори на здравството од нашите лични примања па се до задоволството на пациентите т.е. враќањето на нивната доверба во нас претставниците на општественото државно здравје. Да кажеме последен пат збогум на досегашното деструктивно уривање на се што бевме, а бевме врв. Да ги споменам сите наши колеги што заминаа од Македонија во потрага по достоинство и лична сатисфакција и да се потрудиме да не ни се случи тоа и нам останатите.
Утре е голем ден кој е назначен како ден против борбата со ДЕПРЕСИЈАТА со мото „АЈДЕ ДА ЗБОРУВАМЕ“. Епа ајде да зборуваме, бидејќи никој не е имун на депресијата а поготово ние сфативме дека нашата здравствена депресија трае премногу долго, ајде да зборуваме и да се извадиме од прангите на оваа депресија што ни се случуваше толку години. Заедно можеме да го направиме тоа преку разговор и нови идеи и нови решенија, а знаеме дека решенија има за се и дека лекот чини 5 пари ако го знаеме, а ние го знаеме и предизвикувачот на нашата депресија и лекот за него. Лек кој ќе направи да замине и да биде избришан од нашата историја и меморија за да никогаш повторно не ни се случи оваа болна депресија. Честит празник драги мои колеги и народе мој.
Ангелчо Андоновски