Децата од седумте основни училишта во општина Центар денеска беа дел од милионското олимписко семејство на одбележувањето на “Светскиот ден на спортот”.
Двесте и осумдесет деца учествуваа на турнирот во кошарка во салата на КК „Работнички“ и трчаа крос во Градскиот парк.
Денеска немаше поединечни победници, бидејќи сите учесници беа победници. На овој начин, општина Центар и Меѓународниот Олимписки Комитет го одбележаа “Светскиот ден на спортот”, кој ја промовира важноста на спортот како промотор на мирот и надминување на културните и национални бариери во светот.
Младите ги поздравија спортскиот директор на МОК, легендата на Македонската одбојка, Владимир Богоевски и претседателот на МОК, Васил Тупурковски.
„Милиони млади луѓе денеска го слават спортот и мирот. Вие сте дел од огромното олимписко семејство. Им благодарам на општина Центар и на градоначалникот Андреј Жерновски за прекрасната организација на овој настан“, рече Тупурковски.
Градоначалникот Андреј Жерновски се заблагодари за честа која општина Центар ја доби од МОК да го реализира овој настан.
„Посакувам, како држава, да бележиме успеси на сите спортско полиња. Убеден сум дека нашите идни олимписки репрезентативци се тука, меѓу вас“, рече Жерновски.
Учесниците на одбележувањето на „Светскиот ден на спортот” симболично, со кревање на листови во бела боја, упатија пораки за мир во светот.