„Со оглед дека од страна на повеќе медиуми беа упатени прашања кои се однесуваат на јавно објавени барања испратени од ова Јавно обвинителство до различни институции, го појаснуваме следното:
Пред ова Јавно обвинителство се водат повеќе предистражни постапки кои за цел имаат спроведување на финансиски истраги против поголем број на физички и правни лица. Целта на овие предистражни постапки е да се провери имотната состојба на сите лица за кои се отворени постапки и нивното севкупно финансиско работење. Проверката на имотната состојба подразбира детални проверки за целокупниот имот што лицата може да го поседуваат и тоа, како недвижен, така и подвижен имот.
Во оваа насока испратени се голем број на барања до различни институции, со напомена дека бараните податоци се во врска со предистражни постапки. Предвид наведеното укажуваме државните институциите да преземат мерки со кои ќе се оневозможи јавно објавување на податоци за предистражни постапки кои, согласно законските прописи, се тајни. Недозволиво е државни институции да им овозможат увид на лицата за кои се вршат проверки во видот и карактерот на проверките кои ги врши ова Јавно обвинителство, согласно законските овластувања и прописи“, се вели во соопштението на СЈО.