Шефот на македонската држава Ѓорге Иванов упати честитка до Александар Вучиќ, по повод неговиот избор за претседател на Република Србија.
– Ми претставува особена чест и големо задоволство, во името на граѓаните на Република Македонија и во мое лично име, да Ви упатам искрени честитки по повод Вашиот избор за претседател на Република Србија, како и да Ви посакам многу успех во извршувањето на оваа одговорна функција, стои во честитката.
Дозволете ми, вели Иванов во честитката, да го изразам моето задоволство од континуираниот развој на билатералните односи и уверувањето дека во време на вашиот мандат како претседател на Република Србија, заеднички ќе придонесеме за уште поуспешна и поплодна соработка на сите полиња од заеднички интерес.
– Градењето добрососедски односи, регионалната стабилност и соработката, интегрирањето во Европската унија се областите кои претставуваат приоритет за Република Македонија. Верувам во заемната подготвеност за блиска соработка со Вас на овој план, за доброто на двете држави и народи. Традиционалното пријателство, историските и особено меѓучовечките врски се огромен потенцијал што треба со заеднички напори да го ставиме во функција на зајакнување на меѓусебната доверба и интензивирање на севкупната соработка, истакнува Иванов во честитката.