Поради активирање на стариот доводен цевковод за вода од Попова Шапка до градските резервоари во Тетово од вчера има заматување на водата за пиење во одредени делови од градот, информираат од Јавното комунално претпријатие Тетово.
Според соопштението заматувањето на водата е настанато бидејќи целата количина на водата за пиење била пренасочена од новиот во стариот цевковод бидејќи било неопходно да се извршат одредени градежни активности за поврзување на новата филтер станица на вода за пиење која е во завршна градежна фаза со постоечкиот објект од првата мала хидроцентрала на новиот цевковод.
– Во текот на вчерашниот ден сите потребни градежни работи за поврзување на новата филтер станица на вода за пиење се извршени така што денес од 10 часот целата вода за пиење се враќа во новиот цевковод по што водоснабдителниот систем на град Тетово функционира нормално. Квалитетот на водата за пиење од градскиот водовод редовно се следи од Центарот за јавно здравје Тетово преку вршење на постојани анализи за квалитетот на водата за пиње. Првичните резултати од водата за пиење, од ценралното градско подрачје узоркувани во попладневните и вечерните часови на 23 март 2017 покажуваат заматување на истата над нормалните вредности. Останатите физичко –хемиски параметри одговараат на прописите. Водата содржи и резидуален хлор што значи се дезинфицира, стои во днешното соопштение од ЈКП Тетово.
Оттаму информираа дека постојано добиваат информации од Центарот за јавно здравје Тетово за квалитетот на водата за пиење од градската водоводната мрежа но од превентивни причини до добивање на конечните резултати препорачуваат водата да се преврива 10 минути, да се олади и потоа да се употребува.
Во донсо на работите околу завршување на изградбата на филтер станицата кд ЈКП Тетово посочија дека тоа е втора и последна фаза од изградбата на новиот систем на водоснабдување на Тетово со чие завршување се очекува конечно да се стави крај на дводеценискиот проблем со недостатокот на вода за пиење за граѓаните.