Шкотскиот Парламент на посебна седница денеска треба да се изјасни за нов, втор по ред, референдум за независност на Шкотска, што би требало да се одржи на есен идната година или во текот на пролетта 2019.
Процесот за нов референдум за отцепување на Шкотска од Велика Британија го покрена владејачката Шкотска национална партија (СНП) на шкотската прва министерка Никола Старџен.
Партијата, која во својата програма ја има независноста како своја крајна цел, неможе сама само со своите пратеници да го изгласа решението за започнување на процесот за нов референдум, но се очекува тој да го добие потребното мнозинство со поддршката на Партијата на Зелените, која соопшти дека сака уште еден референдум.
Во своето денешно обраќање пред пратениците во Холируд, Старџен рече дека новото барање за референдум, само 2,5 години по првото вакво гласање, е резултат на Брегзитот и британското напуштање на ЕУ.
– Не можеме да се согласиме судбината на земјата да им ја оставиме на други. За иднината на Шкотска може да одлучуваат само Шкотланѓаните, рече Старџен во своето обраќање.
Старџен уште по референдумот за Брегзит во јуни минатата година, на кој големо мнозинство Шкотланѓани гласаа за останување на Велика Британија во Унијата, побараа од Владата во Лондон заштита на шкотските интереси од последиците на напуштањето на ЕУ.
– Доколку британската влада прифатеше макар и еден од нашите предлози, сега немаше да ја има оваа дебата и немаше да зборуваме за ново изјаснување за независност, рече Старџен.
Таа уште претходно порача дека Владата во Единбург се залага за „мек“ Брегзит, што би значело останување на Велика Британија на заедничкиот пазар на ЕУ.
Шкотската влада му понуди на Лондон постигнување договор, инсистирајќи дека останувањето во ЕУ или барем на заедничкиот европски пазар, претставува шкотски национален интерес, но британската премиерка Тереза Меј не се согласи со шкотските предлози. Ваквиот став на Меј британските министри го објаснуваа со тврдењето дека тоа само би ја ослабнало британската преговарачка позиција.
Изгласувањето на одлуката за нов референдум за независност на Шкотска не значи дека ќе има второ изјаснување. За негово озаконување потребна е согласност и од британската Влада, а Даунинг стрит 10 веќе објави дека ќе ја блокира одлуката на Парламентот во Единбург.
– Сега не е време за нов референдум за Шкотска, изјави минатата недела Меј.