По втор пат Љубе Бошкоски на обвинителна клупа поради нешто што начул и наслушнал „некој заштитен сведок“. Убијците ги нема, тие се во „бегство“ама затоа ќе им се суди на сите кои ги посочи „заштитениот сведок“.
Адвокатите предупредија дека обвинувањето на Бошкоски за помагање на убиството на Марјан Тушевски од пред 11 години е скандалозно и врв на политичката одмазда на власта за да се уништи лидерот на Обединети за Македонија.
Тие сметаат дека убијците никогаш и нема да бидат донесени во судот, зашто и тоа не им одговара на зацртаното сценарио, туку само ова се прави за да се обвини и осуди Бошкоски.. Еден од посочените извршители на убиството, од Србија изјави дека ниту го убил Тушевски, а уште помалку па знае дека Бошкоски е вмешан во случајот.
Лидерот на ОМ самиот најави уште кога беше на слобода дека му се подготвува овој случај, но дека се бараат и убедуваат луѓе кои ќе го обвинат. Тоа се случи по неговот апсење во „Кампања“ кога се активираше целиот предмет. Адвокатите бараа да се отфрли обвинувањето за Бошкоски зашто нема никаков материјален доказ ниту пак нешто упатува дека е инволвиран. Единствено е сведочењето на „заштитениот сведок“ за чија изјава исто предупредија дека треба да се отфрли и дека не е никаков доказ ниту па сведокот е релавентен. Другите сведоци не знаат дали е инволвиран, но ќе го опишуваат карактерот на Бошкоски и неговите „испади“ за да се комплетира целата слика.
Заштитениот сведок во истражната постапка кажал дека „наслушнал“ како екс министерот за внатрешни е замешан во убиството. Истиот сведок не знае кога и во кое време бил пред куќата на екс министерот со Орце Коруновски, кој наводно ги ангажирал извршителите од Србија, за да се утврди дали лаже или не.
Овој систем на „рекла-казала“ сепак помина кај судството, и покрај предупредувањата дека не смее да се покренува обвинение од изјава на еден „заштитен сведок“. Експертите предупредуваат дека на овој начин се создава лоша пракса која како бумеранг ќе им се врати на тие што сега ја спроведуваат, зашто секогаш и за секого може да се најде заштитен сведок за било кое дело. Од партијата на Бошкоски минатата недела предупредија дека сите што учествуваат во овие монтажи кога тогаш ќе мора да ја понесат одговорноста.