Стручниот штаб на сениорската репрезентација во машката конкуренција е комплетиран. Откако минатата седмица Јорданчо Давитков беше назначен за селектор на националниот состав, денес Александар Јончевски и Љупчо Малинков ја прифатија понудата да бидат негови помошници.
Александар Јончевски беше дел од стручниот штаб на Марјан Лазовски во 2012 година, потоа остана и покрај селекторот Алеш Пипан (2013 година), а последен пат како дел од сениорската репрезентација беше во 2015 година покрај селекторот Марјан Србиновски.
– Очекувам одлично да соработуваме како тренерско трио и се надевам дека ќе имаме успешни претквалификации за Светското првенство, па здравје да размислуваме и за уште еден пласман на Европското првенство односно повторно да се вратиме на големите натпреварувања, но за тоа има време. Со моето досегашно искуство како член во стручниот штаб на „А“ репрезентацијата ќе дадам максимум од себе и се надевам дека ќе придонесам доволно за успех на претстојните претквалификации, истакна Јончевски во изјава за сајтот на МКФ.
За Љупчо Малинков ова ќе биде прво искуство како дел од стручниот штаб на сениорската репрезентација. Минатите два циклуси Малинков ги мина на чело на националната селекција до 20 години.
– Огромно задоволство ми е што конечно добив шанса за да бидам дел од стручниот штаб на најдобрата селекција особено како дел од ова тренерско трио. Давитков е еден од подобрите тренери во Македонија и ќе ми биде чест да работам покрај него. Мислам дека сите имаме исти очекувања и желби, а тоа се успешни претквалификации, па понатаму да мислиме и на повисоките квалификациски скалила, нагласува Малинков.