Над 4.000 цвеќиња, љубичици и јаглики се засадени од вработените од секторот Паркови и зеленило при Јавното претпријатие „Комуналец” од Крива Паланка.
Цвеќињата се засадени на јавните градски површини и на канделабрите долж главната улица „Свети Јоаким Осоговски“.
– Со затоплувањето на времето отпочна и засадување цвеќе на јавните површини. Над 4.000 цвеќиња веќе ги разубавуваат градскиот парк, локациите пред јавните институции, мини-парковите во централното градско подрачје, влезот и излезот на општина Крива Паланка. Јаглики и љубичици посадивме и во вкупно 130 саксии поставени на канделабрите во градот, информира раководителот на Паркови и зеленило при ЈП „Комуналец“, Драги Пејчиновски.
Рече дека во моментот се врши уредување на делот покрај пешачката т.н. „Пазарска патека“ на левиот брег од Крива река.
– Извршивме прихранување на сите зелени површини во градот, во кејот од левата страна на минор коритото канделабри се веќе поставени, во претстојниот период ќе работиме на поставување клупи, засевање трева и цвеќе. Исто така периодов ќе се изврши и пролетно закројување на дрвцата, сите зимзелени дрвца и трендафили, истакна Пејчиновски.
Инаку, во оранжериите на ЈП „Комуналец” се одгледуваат околу 20.000 корени цвеќе, кои се засадуваат во различен временски период поради различен турнус на цветање и различна старост на растенијата. Истите во текот на годината се засадуваат на сите јавни површини во градот и ги разубавуваат парковите.
– Паралелно со останатите активности секторот Паркови и зеленило тековно работи на уредување на новата украсна река во градскито парк која ќе истекува од постојната автентична фонтана, ќе минува низ дел од паркот , украсена со импровизирани мостови, а ќе се слева во вид на водопад во кејот на Крива река, дополни Пејчиновски.