Нашата чудесна земја Македонија, драги мои, е специфична по неколку работи. Рекордна сиромаштија, рекорден процент на невработеност, рекордна апатија, шампиони во мизерија. Но, во современата наука за политичкиот систем, исто така заземаме едно специфично место со концептот (институтот) контра – протест. Овој политички феномен се среќава само во неколку земји во Европа, меѓу кои Македонија, Русија и Бугарија. Нели, тие се тие демократи – Владимир, Бојко и Никола. Но да почнеме со ред.
Македонската јавност беше видно изненадена, кога пред околу 2 години, пред седиштето на најголемата опозициска партија, се истоварија камиони и трактори кои штрајкуваа против партија која е седма година во опозиција. Македонските “земјоделци”, штрајкуваа против “погубните политики” на опозицијата, верувале или не, од пред седум години?
Или пак, можеби има начин да се носат мерки и политики и од опозиција? А земјоделци, како земјоделци – брендирани чанти, модерни очила за сонце, рака на срце, и по некој вол и по некоја крава. А, вистинските земјоделци? Тие си беа на нивите, работејќи дење – ноќе, обидувајќи се да врзат крај со крај, обидувајќи се да разберат како тоа нивната Влада секоја година дели сé повеќе средства за субвенции, а тие од година во година се посиромашни. Тоа е најголемиот апсурд на нашата досега “најуспешна Влада”.
Следни на ред дојдоа стечајците. Зборуваме за луѓето кои со години имаат само една цел – да добијат еден симболичен надоместок од сто евра месечно, дури не ги исполнат условите за старосна пензија. Очекувано, луѓето излегоа на улица демократски да си ги побараат своите права. Одговорот, се разбира, беше контра – протест. И повторно едни невообичаени “стечајци”.
Ред директори, ред административци, сите ја бараа “правдата” пред Собранието. Само овие вториве, повторно бараа одговорност од опозицијата. Е, па, почитуван Премиере, така не оди! Манипулирајќи со јавноста – не се решаваат проблемите. Легитимитетот добиен од народот на избори Ве обврзува вистински да се соочите со проблемите. Седнете со луѓето и објаснете им дека го одбивте предлог законот од опозицијата за решавање на нивниот статус, тоа е чесно, тоа е одговорно!
Се случи и АМАН. Една искрена граѓанска иницијатива наменета за подобрување на стандардот на сите луѓе во Македонија. Повторно обид за осуетување. Повторно враќање во минатото и убедување на јавноста дека поскапувањето на електричната енергија е резултат на продажбата на ЕСМ. Почитуван Премиере, ајде да ги отвориме картите.
Енергетскиот систем на Македонија е поделен на три дела: ЕВН, МЕПСО и ЕЛЕМ. Најголемиот дел од барањата за корегирање на цените потекнуваат од МЕПСО и од ЕЛЕМ. А Регулаторната комисија за енергетика, именувана од страна на Вашата Влада, широкоградо ги аминува поскапувањата. Во право сте, треба да има протест. Огромен и сенароден, пред Вашата Влада! Но, без гајле. Иницијативата на АМАН лесно ќе се реализира. Не 10.000, 100.000 потписи ќе бидат собрани до 30-ти јануари, бидејќи оваа состојба се одразува на домашниот буџет на сите граѓани. За жал, епилогот може лесно да се претпостави. Предлог законот ќе влезе во постапка во Собранието, а Вашите горди послушници повторно ќе го притиснат црвеното копче, повторно…
Во државава има и една многу важна фела – лекарите. Луѓе кои целиот свој живот го поминуваат во континуирана едукација и усовршување, за да не лекуваат сите нас. И Вас, и Вашите најблиски, и блиските на Вашите министри. Луѓе со интегритет, чест, но и челична волја. И тука се јавува Вашиот камен на сопнување. Се обидовте да ги поделите – потфрливте.
Извадивте само неколку партиски војничиња и технички персонал, кој платата по учинок воопшто не го тангира. Сите знаеме дека ќе останете цврсти на своето, но бумерангот ќе се врати силно како никогаш до сега! За човечки животи се работи, Премиере! Светиот однос лекар – пациент е посилен од сите реклами за платата по учинок. Ова сфатете го како апел од сите нас. Сите ние кои плаќаме поскапа електрична енергија, кои купуваме поскапи земјоделски производи, кои имаме лоша здравствена заштита.
p.s. Многу да ги поздравите Мирка, Миленко, Драгче и Јанко. За нив ќе зборуваме следната недела.
Иван Стефановски
Авторот е магистар по Уставно право