Катица Јанева и Фатиме Фетаи денеска поднесоа жалби против одлуката на Судот за парични казни, соопштија од Специјалното Јавно Обвинителство.
„Денес до Основниот суд Скопје 1 Скопје поднесени се жалби против одлуката на Судот со која на мене и на јавниот обвинител Фатиме Фетаи ни беа изречени парични казни. Сметаме дека одлуката е незаконска, поради што го искористивме правото на жалба.“ – истакна Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.
СЈО против судиите Александра Поп Стефанија и Лидија Петровска до Советот за утврдување на факти поднеле иницијативи – претставки за утврдување нестручно и несовесно вршење на судската функција.
„Во оваа прилика сакаме да укажеме и на несоодветната соработка на Здружението на јавните обвинители на Република Македонија со ова Јавно обвинителство. Имено од страна на Здружението на јавни обвинители оневозможено е на Годишното собрание на Здружението да присуствуваат тројца претставници на ова Јавно обвинителство. Така, дописот со кој се известуваме за одржување на Собранието е од 13.02.2017 година е испратен преку препорачана пратка во пошта на ден 24.02.2017 година во 12:13 часот, иако самата седница на Годишното собрание е закажана токму за 24.02.2017 година со почеток во 12:30 часот“ соопштија од СЈО.