Новинарството во Македонија се враќа наназад. Голем дел од нашите колеги за грст златници ја продадоа професијата, се ставија во функција на власта, вели за А1он новинарката на Ал Џезеира Балканс, Милка Смилевска.
Ваквиот став на Смилевска го делат голем број од колегите на денот на македонското новинарство 17 февруари кое во последните неколку години речиси целосно ја изгуби слободата и стана политички зависно.
– Знаеме дека претходната Влада предводена од премиерот Никола Груевски од буџетот издвојуваше сериозни пари за да ги потплатува медиумите, на име реклами да се рекламира во најсериозните телевизии во Македонија и на тој начин луѓето од власта си земаа за право да ја креираат и уредувачката политика во овие медиуми. Новинарите тука се најдоа во позиција на обични глумци, вели Смилевска.
Според неа, одговорноста на новинарите е голема бидејќи на некој начин сите овие години највлијателните медиуми ги дезинформираат граѓаните.
– Цело време се оди со информација дека нашата економија е во подем, дека голем број странски инвестиции доаѓаат да инвестираат во Македонија, дека доживуваме економски процут, а од друга страна граѓаните пропаѓаа во сиромаштија, владее корупцијата, не се почитува правната држава и секој бара начин што побрзо да ја напушти родната земја. Создававме нереална слика дека Македонија се движи во вистински правец, а реалниот живот покажува сосема поинаква слика. Мора да се тргне по еден нов пат ако сакаме оваа земја демократски да се развива. Треба да собереме сила да се реструктуираме и на секоја идна власт да и ги поставуваме вистинските прашања и да ги бараме одговорите на транспарентен начин, рече Смилевска.
Односот на владејачката партија кон странските медиуми е еднаков како и кон медиумите во Македонија. Тие не прифаќаат дебати и интервјуа за Ал Џезеира Балканс, иако телевизијата е гледана во сите држави на поранешна Југославија, како и во Америка, Канада, Австралија и сите држави каде има голем број на македонски иселеници.
– Многу често се случуваше да поканиме министри во нашето студио да говорат, меѓутоа можам да кажам дека ниту еден функционер од ВМРО-ДПМНЕ досега нема дојдено во студиото на Ал Џезеира Балкан што е навистина незамисливо, постоиме повеќе од 5 години. Поранешниот премиер во повеќе наврати беше покануван на интервју, дури и уредникот Горан Милиќ кога го работеше серијалот Алхемија на Балканот за Македонија го покани во повеќе наврати, меѓутоа од владата не добивме никаков одговор, рече Смилевска.
Новинарите во Македонија се соочуваат со големи предизвици. Непосакуваните медиуми за гарнитурата на власт во изминативе години беа вербално и физички напаѓани, се водеа хајки, беа бркани од работа, а политиката ги подели на два табори.
Минатата недела судот во Стразбур пресуди во корист на новинарите кои на 24 декември 2012 година беа насилно протерани од Собранието.
Александар Тодески