„По повод обвинувањата дека Македонското Патриотско Здружение „Тврдокорни“ е партиско и тоа објавено од гласилата блиски до двете водечки партии, каде и двете страни обвинуваат за припадност кон другата партија – ние можеме само да ги повториме многубројните изјави кои се присутни секаде каде што ги објавуваме ставовите.
„МПЗ ТВРДОКОРНИ не е испостава на ниту една политичка партија во Македонија и ова здружение е производ на пасивноста на сите наши партии кога се во прашање нашите државни и национални интереси.
Ги повикуваме луѓето да се отргнат од дневната политика и да помогнат во креирањето на здрава граѓанска и патриотска свест која во иднина ќе и служи исклучиво на Република Македонија, а не на партиите!“
„Тврдокорни ќе биде патриотско здружение кое нема да биде привезок на ниту една политичка партија. Партиите во Македонија го направија нашиот народ во нем набљудувач на неговото погубие.
Доста е!
Наша единствена партија е Македонија! Наша единствена цел е Македонија.“
И како после сѐ некој може да нѐ обвинува за партиска поврзаност и партиска позадина.
Како и многу пати досега штом се појави независно македонско движење и двете најголеми партии се обидуваат да ја извртат и спинуваат чистата мисла и искрена намера која го воздигнува македонското чувство на непокор. И покрај спротивставеноста, на двете големи партии им одговара да го одржуваат овој деценисики црно-бел, поробувачки свет во Македонија. Така и во овој случај се одвива оркестрираната хајка на до вчера закрвените гласила кои им служат и ги величаат своите наредбодавци. Ова се случува во време кога двете најголеми македонски политички партии во Македонија, со своите 100 пратеника, поради желбата по било која цена да се докопаат/одржат на власт, дозволија да биде уценуван и понижуван целиот македонски народ од албански партии со 20 пратеника со барања кои ќе имаат несогледливи национални последици.
МПЗ „Тврдокорни“ јавно укажуваат дека маршот на 24.2.2017 не е непосредно поврзан со денот на формирање или неформирање на Влада. Тајмингот за маршот е објавен во време кога никој не знаеме кога и дали ќе биде обзнанена Влада. Ги охрабруваме гласилата во државава да се одметнат од старите навики и овој пат да ги пренесуваат фактите какви што се, без да подметнуваат свои инсинуации околу маршот. Ние сме и до крај ќе останеме неполитичка и непартиска заедница чија цел е воздигнување на граѓанска маса која во иднина треба да порасне во коректор на недемократското, противправното најчесто партиско самоволие во државата.
Искрено веруваме дека вашите заложби за демократија во општеството, нема да се косат со нашите идентични заложби и методот на етикетирања и дискредитации, ќе станат ваше минато, за доброто на сите“ велат од здружението „Тврдокорни“.