Кина – популационата политика на удар на критики

Од:

РТС – Белград

Измените во законот за бројот на децата, т.е. укинувањето на т.н. политика на едно дете, се чини дека не ги дава посакуваните резултати, пишуваат медиумите во најбројната држава на планетата, на Народна Република Кина, по објавувањето на статистиките за природниот прираст од минатата година.

Имено, во Кина во 2016 година родени се 1,3 милиони деца повеќе од 2015 година. Тој број е многу помал од очекувањата на демографите во таа земја, кои се надеваа дека благодарение на целосното укинување на политиката на едно дете, кое беше извршено во 2015 година, на свет ќе дојдат од 3 до 5 милиони бебиња повеќе.

Официјалната државна статистика покажува дека лани во НР Кина родени се нешто помалку од 18 милиони бебиња, но некои демографи сметаат дека во реалноста бројот веројатно е помал за неколку, а можно е и за цели 5 милиони, бидејќи Националниот статистички завод во минатото во повеќе наврати донесувал оптимистички проценки поврзани за стапката на природниот прираст, кои подоцна се покажале многу погрешни, па поради тоа се шири глас дека ги подесува бројките така да се во согласност со владината политика.

Демографските и економските планери во Кина се незадоволни од бројот на новороденчињата, т.е. сметаат дека ефектот од укинувањето на политиката на едно дете не е доволен, поради тоа што стапката на раѓање во таа земја е исклучително ниска и населението забрзано старее, што подразбира намалување на популацијата на работно способните и пораст на бројот на пензионерите и на лица на кои им е потребна медицинска нега.

Во Кина, чија популација изнесува околу 1,4 милијарди луѓе, има 230 милиони лица постари од 60 години, а стапката на прираст е само 1,2 деца по жена, додека за одржување на бројот на жителите на моменталното ниво потребен е просек од 2,1 дете по жена.

Во минатата година работната сила во Кина е намалена за 3,5 милиони, додека бројот на жителите постари од 60 години е зголемен за околу 10 милиони.

Кинеската јавност посебно е загрижена дека бројот на жените на возраст од 22 до 30 години, кои во модерното кинеско општество со раширено високо образование раѓаат повеќе деца од жените на друга возраст, ќе се намали за дури 40 отсто во наредните десет години.

Трендот на стареење на популацијата ќе продолжи да се продлабочува во наредните години и децении, што ќе направи голем притисок на здравствениот и пензискиот систем, па и негативно ќе влијае на економскиот раст, во случај ако државата на тие значајни промени во структурата на населението не одговори успешно, т.е. ако не со покачување на наталитетот, тогаш барем со зголемување на продуктивноста, роботизација и отворање на вратите за странски имигранти.

Демографите во Кина се согласуваат со ставот дека државата предоцна ја укина политиката на едно дете, како и дека економскиот развој кој е остварен во период од кога таа е воведена во 1979 година до денес, преку забрзана урбанизација и индустријализација, длабоко го променило општеството и во поглед на стилот на животот и вредностите, па современите кинески брачни двојки повеќе не живеат на село со големи семејства, туку во градски услови, одвоени од родителите и роднините и навикнати повеќе да трошат за сопственото образование и за забава.

Освен промените во поглед на животот, каде сега сопствената кариера и поседувањето на материјални нешта стануваат поголемо мерило за успех во животот од имоти и чување на деца, економскиот развој и технолошкиот напредок создадоа состојба во која високото и квалитетно образование е неопходно за добро вработување и со тоа многу го поскапеа трошокот за воспитување и чување на децата. Поради сето тоа младите Кинези сега повеќе и не посакуваат да имаат повеќе од едно дете, иако имаат право на тоа.

Политиката на едно дете е воведена кон крајот на 70-тите години, во време кога во Кина семејствата просечно имале по шест деца, кога владеел глад и се заканувал колапс на здравствениот систем.

Владата во Пекинг се плашела од популациска експлозија која би можела државата да ја фрли во политички и економски хаос и се обидувала прирастот да го ограничи со парични и дисциплински казни, но и со присилни стерилизации и абортуси.

Политиката на едно дете не значела дека апсолутно никој не смее да има повеќе од едно дете, бидејќи семејствата од руралните области кои немале машки наследник кој би ги вршел тешките земјоделски работи, имале право да одат на второ дете со надеж дека ќе добијат син, а исклучоци понекогаш биле правени и за тие чие прво дете било родено со вродени недостатоци.

Во некои делови на Кина семејствата свесно, наспроти паричните казни и губењето на можноста за напредување на работа и во партиските органи, оделе на тоа да добијат повеќе од едно дете, посебно ако првото дете не било машко.

Инаку, тоа традиционално, патријархално преферирање на машки пород и ограничување на бројот на децата кое го наметна владата, доведе и до раширување на праксата на абортуси на женски фетуси, кое многу ја наруши природната рамнотежа во бројот на мажите и жените во Кина, поради што се развил бизнис на увоз на млади од Виетнам и други земји за потребите на прекубројните (потенцијални) кинески младоженци.

Казнената политика во последните неколку децении во некои провинции постепено се намалувала, за конечно по доаѓањето на власт на претседателот Кси Џинпинг во 2013 година на кинеските двојки во целата земја со закон да им се овозможи да имаат две деца во случај ако еден од партнерите е единец.

Меѓутоа, бидејќи тоа во 2014 и 2015 година не ги дало очекуваните резултати, законите и понатаму се ублажени, така што од почетокот на 2016 година сите кинески двојки, без оглед на тоа дали се единци или не, добиле право да имаат две деца.

Меѓутоа, сега кинеските демографи повикуваат на брзо укинување на „политиката на две деца” и целосна либерализација на раѓањата. Меѓутоа, ни тоа веројатно нема да биде доволно да се спречи понатамошното брзо стареење на кинеската популација, бидејќи искуствата од западна и северна Европа, како и од Јужна Кореја и Јапонија, покажуваат дека развиените индустриски земји со висока стапка на урбанизација, во кои жените во голем број одат на Универзитети и учествуваат на пазарот на трудот, имаат исклучително ниска стапка на природен прираст.

Би можело да ве интересира

Пристигна одговорот од Америка на најновата нуклеарна закана на Путин

ВИДЕО: По 44 години Кина лансираше интерконтинентална балистичка ракета во меѓународни води

Катерина Ѓуровски

Поранешен агент на ЦИА осуден на 10 години затвор за шпионирање за Кина

ВИДЕО: Еден од најсилните тајфуни однесе се во Виетнам, има загинати и повредени

Предраг Петровиќ

Според сознанијата на ЦИА и МИ-6: Путин нема да успее, подемот на Кина е главниот предизвик

НАТО го предупреди Пекинг: Не и помагајте на Русија