Медиумската слика за политичкиот плурализам во Македонија останува иста како и пред предвремените парламентарни избори. Откако заврши предизборниот период од 100 дена, во кој имаше посебни правила за медиумите, најголемиот број телевизии се вратија на својата стандардна уредувачка политика.
Ова е генералниот заклучок од извештајот на Мониторингот на демократијата во Македонија – МОДЕМ, кој се однесува на медиумските содржини емитувани на Јавниот радиодифузен сервис и на комерцијалните телевизии со национална концесија во периодот од 16 до 20 и од 23 до 27 јануари 2017 година.
Tелевизиите 24 Вести, Телма, Алсат М и ТВ 21 продолжија да ги следат политичките случувања од неутрална позиција и критички да ги опсервираат, со посебен акцент на работата на јавните институции, додека кај телевизиите Сител, Алфа, ТВ Нова и Канал 5 повторно доминираат ставовите на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и известувањата за проектите и за достигнувањата на нејзините функционери. Исклучок е МТВ каде што и покрај престанокот на мандатот на уредникот назначен од опозицијата, во најголем дел продолжи непристрасното известување за главните политички и општествени случувања.
Темата за формирањето на новата влада беше доминантна во 10-те набљудувани дена, но поединечно телевизиите се разликуваа. Во вестите на МТВ 2, Алсат М и на Телма се емитуваа најмногу прилози на оваа тема, додека на 24 Вести и ТВ 21, следењето на работата на јавните институции беше приближно еднакво застапено со неа. Во вестите на Канал 5, Алфа и Сител темата за формирање нова влада беше еднакво или помалку застапена со промоцијата на проектите и мерките на се’ уште актуелната влада и на општините. Без оглед на тоа што во мониторираниот период не беше избрана нова влада, а старата имаше мандат само технички да ја извршува функцијата, и без оглед на тоа што пред истекување е и мандатот на локалната самоуправа, овие три телевизии известуваа за проекти и мерки кои главно доаѓаа од партијата ВМРО-ДПМНЕ и претставувајќи ги како нешто што сигурно ќе се спроведе.
Значајна разлика може да се забележи во опсервирањето на непартиските субјекти што имаат влијание врз политичкиот живот и врз демократските процеси. Работата на Специјалното јавно обвинителство беше коректно проследени од Телма, 24 Вести, Алсат М, ТВ 21 и МТВ 1 и 2, додека на Канал 5, Алфа, Сител и ТВ Нова ова обвинителство беше проследувано низ призмата на партијата ВМРО-ДПМНЕ, која го смета за свој политички противник.
Други најзастапени непартиски субјекти на Телма, 24 Вести, Алсат М, ТВ 21 и МТВ 1 и 2 беа државните и локални институции, чија работа често критички се опсервираше дали успеваат или потфрлаат да си ги исполнат своите обврски кон граѓаните, (во актуелниот период доминираа темите за проблемот со загадувањето на воздухот, справувањето со снегот, извештаите за корупција и други), без да им се дава партиски белег.
На Алфа, Сител, Канал 5 и ТВ Нова, пак, невладините организации и фондации беа меѓу најзастапените непартиски субекти, во рамките на покривањето на т.н. процес на десоросоизација што го најави ВМРО-ДПМНЕ, а кој опфаќа борба против граѓанските здруженија што се критички кон власта или кон состојбите во државата, а имаат странска или меѓународна финансиска поддршка.
Резултатите во овој извештај се добиени од анализата на вестите на 12 телевиии: МТВ1, МТВ2, Сител, Телма, 24 Вести, Канал 5, Алфа, Алсат М (на македонски и на албански јазик), ТВ 21 (на македонски и на албански јазик) и ТВ Нова.
МОДЕМ е проект имплементиран од Институтот за комуникациски студии, поддржан од Британската амбасада во Македонија.