Во врска со тврдењата на СДСМ, според коja претседателот Иванов наводно поставува дополнителни услови за доделување на мандат за состав на владата, Кабинетот на Претседателот на Република Македонија оценува дека се работи за небулозен и груб обид за манипулација.
„Барањата, што претседателот Иванов ги истакна не претставуваат услови, туку политички ставови на претседателот Иванов за идните приоритети на новата Влада, кои се конзистентни и се однесуваат на сите политички структури во земјата. Претседателот Иванов има целосно легитимно право да изнесува политички ставови и барања поврзани со државните интереси и од тоа нема да отстапи и во иднина.
Претседателот Иванов тие приоритети ги истакна и во неговото годишно обраќање, каде и тогаш јасно порача,прво – заштита на државните интереси на Република Македонија, што подразбира зачувување и зацврстување на унитарниот карактер на државата, и второ – системска реформа по кризата во која ќе бидат опфатени субјектите на системот за национална безбедност на Република Македонија.
Доколку од политичката партија СДСМ сметаат дека овие барања на претседателот Иванов не треба да претставуваат приоритети за државата и граѓаните на Република Македонија, тогаш СДСМ нивните ставови по овие прашања треба транспарентно да ги соопштат на јавноста, а не преку груби лаги и манипулации да го напаѓаат македонскиот претседател дека поставува услови за добивање мандат“, стои во соопштението од Кабинетот на Претседателот на Република Македонија.
Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, отсекогаш постапувал согласно Уставот и законите на Република Македонија и во рамки на своите права, обврски и должности, се вели во соопштението од Кабинетот на Претседателот, наведуваат од кабинетот.
„Тврдењата на СДСМ дека претседателот Иванов лаже дека постапил како претседателот Глигоров и дека го крши Уставот претставуваат груба лага и груба манипулација со јавноста.
Наводите на СДСМ дека претседателот Глигоров го доделил мандатот на второпласираната партија на тогашните избори, повикувајќи се на објавено соопштение од 14 јули 1992 година, претставуваат груба лага, бидејќи информациите изнесени во соопштението од 14 јули 1992 година се однесуваат на консултации кои претседателот Глигоров ги извршил со СДСМ. Во соопштението јасно е укажано дека на овие консултации, претседателот Глигоров му предлага на СДСМ како на втора партија по бројот на пратеници во Собранието, да посочат кандидат, кој претседателот на Републиката би го определил за мандатар за состав на Владата на Република Македонија.
Факт е дека во соопштението од 14 јули 1992 година, на кое се повикува СДСМ, претседателот Глигоров не го доверува мандатот на СДСМ за состав на Влада, туку од нив бара да посочат кандидат за мандатар.
Три дена подоцна, на 17 јули 1992 година, СДСМ во присуство на сите партии кои го сочинувале парламентарното мнозинство, го информираат претседателот Глигоров дека успеале да обезбедат парламентарно мнозинство и го определуваат Петар Гошев за мандатар.
Истиот ден, на 17 јули 1992 година, претседателот Глигоров мандатот за состав на Влада го доверува на Петар Гошев“, велат од кабинетот на Иванов.