Дирекцијата за заштита на личните податоци (ДЗЛП) денеска ќе го одбележи 28 Јануари – Ден за заштита на личните податоци.
Ќе бидат презентирани резултати од работењето на ДЗЛП во минатата година, како и досегашните активности во рамки на ИПА проектот „Поддршка за пристап до правото на заштита на лични податоци”, клучните елементи на новата Нацрт-стратегија (2017-2020) за спроведување на правото за заштита на личните податоци, која е во финална фаза. Исто така, ќе биде презентирано и надградувањето на веб-страницата на ДЗЛП.
Со овој документ е предвидено редизајнирање на македонското законодавство во контекст на Регулативата на ЕУ од 25 мај 2016 година на Европскиот парламент и на Советот за заштита на лицата во поглед на обработката на личните податоци и слободен проток на тие податоци, која треба да се применува од 25 мај 2018.
Во стратешките и конкретните цели во Нацрт-стратегијата, меѓу другото, е предвиден дел којшто се однесува на Република Македонија, за која иако не е членка на Унијата, од особена важност е хармонизацијата на законодавството, на работа со клиентите, на процедурите и постапките и на вработените во ДЗЛП, на која и треба кадровско зајакнување.
На денешниот настан се најавени обраќања на директорот на ДЗЛП Горан Трајковски и на народниот правобранител Иџет Мемети.
Комитетот на министри при Советот на Европа на 26 април 2006 година одлучи секоја година 28 јануари да се слави како Ден за заштитата на личните податоци. На овој ден е отворена за потпишување Конвенцијата 108 за заштита на лицата при автоматската обработка на лични податоци на СЕ и повеќе од 30 години е темелник за заштитата на личните податоци во Европа и пошироко. Денот за заштита на личните податоци денес се слави глобално и надвор од Европа и е познат и како Ден на приватноста.