За каква потреба од екстерно тестирање знаеле СДСМ и ЛДП кога биле на власт?!

Од:

ВМРО-ДПМНЕ во своето соопштение – реакција на соопштението на ЛДП вели дека и ЛДП и СДСМ знаеле за потребата од екстерно тестирање и се повикува на националната стратегија 2005-2015. Националната стратегија е изработена во 2005 година, навистина е исклучително квалитетен и сеопфатен документ за сите образовни прашања и предизвици во Р. Македонија.

Голема благодарност до ДПМНЕ за конзистентноста во спроведување на стратегијата креирана во време на владеење на СДСМ и ЛДП. Проблемот е во погрешната интерпретација. Оваа анализа е повеќе стручна, помалку политичка, затоа што квалитетното образование не е тема за политички поени, туку е прашање од национален интерес.

Со Националната стратегија за развој на образованието 2005-2015 е предвидено да постои систем за контрола на квалитетот на образованието. Овој систем подразбира три сегменти: самоевалуација, надворешна контрола и екстерни испити. За самоевалуацијата и надворешната контрола во друга пригода.

Сега за потребата од екстерното тестирање.

Во Националната стратегија стои:

„Воспоставувањето на екстерни испити и оценувања во Македонија ќе овозможи државата, локалните образовни власти и училиштата да имаат валидни и објективни информации за постигањата на учениците и за образовните фактори кои влијаеле врз постигањата, но и да се следат трендовите во постигнувањето на стандардите. Овие информации треба да им послужат на одговорните субјекти на државно и локално ниво за донесување на одлуки во образовната политика засновани на вистинските состојби и потреби во образовната практика, како и за ефикасна распределба на ресурсите“.

Целите пак, на тековното екстерното тестирање се:
„Проверка на објективноста на оценувањето на наставниците и проверка на степенот на постигнувањата на учениците“.

Очигледно, станува збор за две сосем различни нешта. „Стратегијата на СДСМ и ЛДП“ означува вреднување, целта на екстерното на ДПМНЕ е проверка. Првото се однесува на основа за анализи со цел креирање поуспешни образовни политики, второто мери и санкционира.

Во Националната стратегија уште е наведено:

„За да може системот на контрола на квалитетот да ги обезбедува потребните информации за носителите на одлуки во образованието, испитите и оценувањата треба да се:

– соодветни на целта на мерењето
– да обезбедат еднаквост
– да се интегрирани во системот
– да бидат прифатени од јавноста
– да се соодветни на материјалните и човечките ресурси во земјата
– да се транспарентни
– да е законски регулиран начинот на користење на резултатите
– да обезбедуваат подобрување на кавалитетот на воспитно образовниот процес.“

Тргнувајки по ред, целта „проверка на објективноста на наставниците и степенот на постигнување на учениците“ апсолутно не е исполнета.

Степенот на постигнувањта на учениците во текот на годината наставниците го мерат по Блумова таксономија, што подразбира помнење, разибрање, примена, анализа, евалуација, креација. Наставникот со најразлични методи согласно предложените критериуми од БРО и МОН го оценува ученикот. Кај екстерното тестирање, прашањата се предходно дадени, се оценува само првиот степен, помнење и препознавање, евентулно примена. Повисоките степени на постигнување не се проверуваат. Уште повеќе, дискутабилна е потребата објективноста да биде главна особина преку која ќе се евалуира еден наставник. Каде е односот кон ученикот, подготвеноста, пристапот, користењето на различни методи, техники, форми, мотивирањето, емоционалниот елемент, посветеноста. Наставникот е сведен на една (секако не неважна, но не и единствено важна) димензија, која се оценува на сосем нерелевантен начин.

Кога станува збор за „еднаквоста и транспарентноста“, збор – два за моменталните статистичките небулози на екстерното тестирање:

Како се избираат предметите за секој ученик – случаен избор. Како се избираат кои од учениците на одреден професор ќе го полагаат неговиот предмет, исто, рандом пристап. Тоа што ученик може да „му се падне“ предмет по кој има послаба оцена од останатите предмети и дополнително ќе му го намали просекот, не е важно. Колку ученици ќе полагаат одреден предмет е непознаница, како се балансира тежината на предметите на двата предмети кои ученикот ги полага, исто така е непознаница. Се случува еден ученик да полага математика (со 300 зададени прашања) и македонски (со 400) и друг два предмети со по 100-200 прашања. Секое прашање носи по еден бод, без разлика на тежината.

Дополнително, при изработката на прашањата не постојат методи кои ќе го утврдат степенот на сложеност компаративно по различни предмети, така, за прашањата по одредени предмети учениците ќе кажат „боза“, додека по друг „страшно“. За волја на вистината, тој баланс не е направен ниту во самите наставни планови и програми по предмети, не пак на екстерното полагање. Се полагаат предмети за кои нема учебници (информатичка технологија, програмски јазици). Наставниците пак се евалуираат без прецизно избран примерок, објективноста на некои наставници се мери преку 10, на некои наставници преку 40 ученици. И најважно, кога сме кај транспарентноста, при воведувањето на екстерното тестирање, не се консултирани никои од вклучените страни во процесот, ниту ученици, ниту наставници, ниту родители, ниту пошироката заедница.

„Да бидат прифатени од јавноста“:
Ученички Пленуми, протести, бојкот. Толку.

„Да се соодветни на материјалните и човечките ресурси“:
Колку екстерното тестирање ја чини државата, човечки ресурси, хардвер, софтвер не е познат податок. Она што е поважно е колкава е оправданоста на тие потрошени средства. За илустрација на трошоците, освен наставниците кои се директно инволвирани како администратори и тестатори, во училиштата присуствуваат и надворешни лица вработени во администрација како надворешни тестатори, кои се ослободени од работа во деновите на екстерното, лица ангажирани околу хардверот, администратори од МИОА.

„Користењето на резултатите“ е законски регулирано, оцените се запишуваат во свидетелство, така што многу ученици завршија со единици во свидетелствата, што пак, е во колизија со законот. Е сега оценките ќе се запишувале „во додаток“. Колку да има дополнителни трошоци за додатокот.

Колку е подобрен „квалитетот на образованието“ сведочи последното ПИСА истражување.
Од 73 земји, Македонија е на 69 место. Барем сме конзистентни, истото место и по математика, и по читање и по природни науки. Тоа е вистинската информација за квалитетот.

Слабите резултати во образованието се должат на погрешни анализи, погрешни политики, погрешни цели. Наместо да се развива критичкото мислење, форсираме репродукција и препознавање. Наместо да се вложува во наставниот кадар, во редновни обуки, стручни, педагошки, технички, наставниците се заплашуваат со казни и инспекции, впрочем, поздравот со кој тие влегуваат во училиште е: „што има денес, да не има инспекција?!“ Недоволно платен труд, непостоечки интегритет, потценета опшетествена улога, немање слобода при креирањето на наставата, набиениот курикулум, лошите учебници, лошиот закон за издавање кој не стимулира издавање на квалитетни помагала, нарушената клима во училиштата, централизираниот пристап, сето тоа има свој удел во нискиот квалитет.

Екстерното тестирање е еден несреќен експеримент кој наскоро истите оние „СДСМ и ЛДП кои знаеле“, ќе го укинат и наместо него ќе воведат континуиран систем на евалуација, без оцени, без казни, систем на наградување на најдобрите, систем кој ќе вклучи креирање образовни политики кои ќе овозможат децата да растат здрави и среќни, со критичко размислување, со почит, со интегритет и со изразено чувство за толеранција, слобода и отворен ум.

Јулиана Николова

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска