Со василичарско оро и палење на маските заврши Вевчанскиот карневал

Од:

Со традиционалното василичарско оро и палење на маските на двете друштва Горна и Долна маала во центарот на Вевчани, попладнево заврши годинашниот Вевчански карневал.

Зетот, невестата, ѓаволите и глупавите Августи заедно со останатите маскирани, инспирирани од актуелните случувања изминатава година ги посетија вевчанските семејства каде што има име Васил, Василиј. Во утринските часови, заедно со членови од семејствата беа на Вевчанските извори, полнеа вода со која го правеа вевчанскиот кашаник со паричка.

Вевчани изминатите два дена претставуваше отворена театарска сцена, каде дефилираа голем број маскирани вевчанци, но и туристи од земјава и странство. Меѓу највпечатливите маски на годинашниот карневал беа Сорос во Македонија, Шарена револуција, федерализација и кантонизација на државата, низ вевчанските улици се продаваа и дипломи од Косово за 5.000 евра, а внимание привлекоа и фантомските тутунарки. Не изостанаа ниту маските од секојдневието, омилените цртани ликови, како и други со страшни и смешни содржини.

Многубројните гости од земјава, но и странство повторно ја доживеаја 15-вековната магија во која вевчанци ги отсликуваат своите видувања на настаните што ја одбележаа реалноста во земјава и светот. Тие уживаа во шегите, довикувањата, ведриот дух и позитивната енергија на василичарите. Карактериситчно за манифестацијата е што никој никому не се лути, бидејќи ова се денови на мајтап во Вевчани.

Присутните синоќа ги забавуваа македонските народни изведувачи Јордан Митев, Анета Наковска и Ефто Пупиноски, а православната Нова година беше дочекана со петминутен огномет.

Вевчанскиот карневал, кој датира од настанокот на Вевчани, со традиција од околу 15 века симболизира два паралелни света, едниот му припаѓа на паганството, а другиот на христијанството. Задолжителни елементи се зетот и невестата кои се симбол на плодноста и продолжувањето на семејството, двата ѓавола, кои се олицетворение на злото и двајцата глупи Августи кои ги штитат од злото. Со манифестацијата се одбележува христијанскиот празник Св. Василиј Велики или доаѓањето на Новата година по стариот, Јулијанскиот календар.

Би можело да ве интересира

Над 500 учесници на карневалот во Кавадарци, градот има вински кралица и крал

Предраг Петровиќ

(ВИДЕО) Три лица тешко повредени на карневал во Лондон

Горан Наумовски

IQOS караванот ќе ја посети Струмица за време на Струмичкиот карневал

Карневалот во Рио повторно откажан поради пандемијата

Ана Ололовска

Карневалот во Рио де Жанеиро во 2022 година ќе трае 40 дена

Ана Ололовска

Откажан Карневалот во Рио