Снегот ќе ги заштити од замрзнување есенските посеви во Пелагонија и тие се во добра кондиција, информираат од подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Според Илија Србиновски, раководител на ПЕ на МЗШВ со седиште во Битола, ниските температури на воздухот во пелагонискиот регион нема да им наштетат на земјоделските култури.
– Во вакви временски услови најчувствителни се есенските земјоделски култури во проникнување, но снежната покривка која достига до 20 сантиметри е многу корисна за посевите и нема да дозволи мрзнење. Есенските посеви се наоѓаа во добра кондиција и снегот ги штити од ниските температури и овозможува поволен развој на културите, истакна Србиновски.
Агро-експертите деновиве се постојано на терен и освен за земјоделските култури помагаат и за сточниот фонд за кој според информациите на ПЕ на МЗШВ навреме била обезбедена храна и згрижување во зимски услови.