Македонското друштво „Илинден “ со седиште во Тирана остро реагираше на изјвата на патријархот на СПЦ, г.г.Иринеј, кој Македонците кои живеат во Гора ги нарекува „одродени Срби“.
– Искажаното од страна на патријархот Иринеј, го сметаме за скандалозен став. Тој тврди дека Горанците биле Срби, кои го зборувале најчистиот српски јазик. Македонското друштво „Илинден“ од Тирана посочува дека во областа Гора не постои српско малцинство, таму има само македонско малцинство. Македонското друштво „Илинден“ го потсетува српскиот патријарх дека горанскиот говор е македонски јазик, стои во соопштението на друштвото.
Од МД „Илинден“ бараат српскиот патријарх Иринеј во иднина да не ги нарекува Македонците во областа Гора, Срби, што е без основа и без никакви аргументи.
Тие потсетуваат дека областа Гора во Косово, во која се распослани 18 села, населена е со Македонци кои збруваат чист македонски јазик, исто како и деветте села од областа Гора, во Албанија.
Инаку, патријархот г.г. Иринеј спомената квалификација ја дал во интервју за телевизиски канал на СПЦ „Храм“.