Сите производители на нафта надвор од ОПЕК, кои учествуваа на денешната средба во Виена, ја потврдија подготвеноста да го поддржат картелот, соопшти иранскиот министер за нафта Биџан Намдар Зангане, јави ТАСС.
– Земјите надвор од ОПЕК ќе започнат да го намалуваат производството од 1 јануари 2017 година, како и земјите членки на организацијата, рече Зангане.
Претходно денеска, во австриската престолнина, рускиот министер за енергетика Александар Новак изјави дека Москва е подготвена да го намали нафтеното производство за 300.000 барели на ден.
– Учесниците на средбата се оптимисти, нема ризици за неуспех на договорот, истакна пред новинарите ирачкиот министер за нафта Џабар ал Лаиби.
На 30 ноември, првпат по осум години, ОПЕК одлучи да го намали производството на 32,5 милиони барели дневно. Така, од 1 јануари 2017 година, производството на членките на картелот ќе се намали за 1,164 милиони барели на ден.
Сега претстои таков договор да биде склучен и со производители надвор ОПЕК, од кои се очекува да го намалат производството за 600.000 барели дневно од 2017 година. За Русија, овој индикатор треба да биде 300.000 барели.
Целта е дасе поддржи цената на оваа суровина, која значително се намали.
– Венецуела се надева да свика состанок на ОПЕК со земјите надвор од картелот во средината на февруари, за да биде разгледана формулата на стабилизирање на нафтениот пазар, изјави за новинарите во Виена венецуелскиот министер за нафта и рударство Еулохио дел Пино.