Демократската партија на Албанците (ДПА) вечерва на градскиот плоштад во Куманово одржа завршен митинг на кој беа презентирани кандидатите за пратеници од Втората изборна единица, носителот на листата Орхан Ибрахими.
Лидерот на партијата Мендух Тачи пред граѓаните од Куманово и Липково порача дека 11 декември е датум за промени.
– Го барам вашиот глас да се избориме против злото и криминалот што го направи ДУИ во овие години на владеење. Го барам гласот на граѓаните за да бидеме помоќни во Собранието, каде што го имаме Орхан Ибрахими кој цело време се бори не за Мендух Тачи, туку за правата на Албанците и нивната идеологија, рече Тачи.
Ако ДПА дојде на власт, рече Тачи, ќе се борат поеднакво за сите, и за оние кои нема да гласаат за нив. Приротет за ДПА уште од првиот ден ќе биде Куманово, бидејќи градот, рече Тачи, го заслужи тоа по мајските настани од минатата година, за што ги обвини политичките опоненти ДУИ.
Носителот на листата на ДПА од Втората изборна единица Орхан Ибрахими го побара гласот на граѓаните, бидејќи, рече 11 декември е денот кога гласот за ДПА ќе значи инвестирање и работни места за сите во Куманово. Ќе значи и враќање на дигнитетот на Албанците и нагласи дека никого нема да гледаат како непријател.
Пред присутните на вечерашниот митинг во Куманово зборуваше и Хенри Џонс од Републиканската партија од САД и кандидатите за пратеници Халил Куртиши и Теута Сабедини, кои ветија економски просперитет, подобро образование и инфраструктура за граѓаните од Куманово и Липково.