Никола Груевски, како лидер на ВМРО-ДПМНЕ, десет години не излегува на дуел и дебата во медиумите. Една декада тој ги одбива поканите да гостува во емисија и со тоа се наметнува дилемата-дали може да се снајде без да чита или без претходна подготовка со научени прашања кај блиските медиуми.
Груевски гостува само во медиуми кои се блиски до власта и каде прашањата се нарачани и однапред договорени, и каде нема непријатни прашања.
Од 2006 година односно од доаѓањето на власт на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ па наваму имавме четири предвремени парламентарни избори. Во сите четири изборни кампањи лидерот на ДПМНЕ ги одби сите покани за било какво соочување со лидерите на опозицијата, Шеќеринска, Црвенковски и Заев. Шеќеринска дури и направи спот со кој го повикуваше да не крие и да не бега од женски фустан.
Според аналитичарот Петар Арсовски, недозволиво е во една демократија двајцата главни лидери да не се појавуваат на дебата. Како што вели тој, тоа е непростливо во смисла на една демократија затоа што луѓето сакаат да ги видат лидерите како се снаоѓаат во стресна ситуација бидејќи тоа за нив е индикација какви ќе бидат како лидери.
-Мислам дека тоа не е прашање на политичка доктрина туку е прашање на партиска стратегија. Најчесто дуелите ги избегнуваат оние кои сметаат дека чуваат резултат и дека со дуелите би си ја расипале „петката“. Не знам дали е тоа прашање на страв или на партиска стратегија, тој можеби смета дека му е под ниво да се појави на дебата со опизицијата, барем така го продава. Во основа се плаши да не изгуби поддршка или да не му се наруши имиџот со појавување во дуели и соочување со незгодни прашања, вели за А1он, Петар Арсовски.
Од говорите кои Груевски ги држи на митинзите и на другите негови јавни излагања лесно се забележува дека всушност тој пред него секогаш има лист на кој е напишан текстот кој треба да го изговори. Ова е показател дека говорите на лидерот на ДПМНЕ некој друг однапред ги подготвува, а Груевски е само оној кој тоа треба да го прочита пред граѓаните.
Во јавна дебата никој неможе да предвиди во која насока ќе се движи разговорот па политичарите сами треба да се снаоѓаат во одредена ситуација. Дали стравот од јавна бламажа, неспособноста сам да се справи со политичките опоненти и безизлезната ситуација во која може да се најде се причините поради кои Груевски не излегува на јавно соочување во медиумите.
Зоран Заев на митингот во Прилеп по којзнае кој пат го повика Груевски на ТВ дуел за да го праша тоа што не било чесно да го објави во бомбите. Тоа е одлична прилика за Груевски да ја докаже федерализацијата на Заев, но не прифаќа.
-Да те прашам и да одговориш, а не да се криеш. Десет години владееш како не ти е срам да бегаш од дуел? Зборуваш за демократија, за транспарентност, прифати дуел за да можеш и ти да ме прашаш што сакаш, но јас да те прашам тоа што јас и граѓаните мислиме дека треба да те прашаме. Да дадеш одговор после овие 10 години владеење и пустошење во оваа наша Македонија, рече Зоран Заев.
Одбегнувањето на емисиите каде лице в лице политичките опоненти треба да се соочат не го прави само Груевски туку и други политичари од редовите на ДПМНЕ. Попоски, кој е носител на листата од ВМРО-ДПМНЕ во ИЕ 1, вчера, избега од дебата со неговиот противник во оваа едница, Стево Пендаровски. Празното столче кое е резервирано за членовите на ДПМНЕ во овие дебатни емисии е заштитен знак на партијата.
Исто така, координаторот на пратеничката група, Илија Димовски пред неколку недели одби ТВ дуел со портпаролот на СДСМ Петре Шилегов на провладината ТВ НОВА што значи дека Груевски и членовите на неговата партија не само што одбиваат соочување со политичките опоненти во медиумите кои се критички настроени кон власта, туку тие одбиваат дебати и на медиумите кои работат за нив и важат за блиски до партијата.
Виктор Јованов