На прес конференцијата пред СЈО, Павле Трајанов, носител на изборната единица во Скопје, нагласи дека СЈО мора да продолжи да работи транспарентно, одговорно и професионално и има целосна поддршка да се справи со сите што ја спречуваат правдата.
СЈО не е дел од изборниот процес затоа треба да работи со полн капацитет. Заканите за негова блокада или укинување, се класична манипулација од аболираното државно партиското раководство на ВМРО-ДПМНЕ, кое сака со изборите да го прикрие грабежот на народот и масовното прислушкување.
По 11 декември ќе направиме царски рез во судството и ќе формираме посебно судско одделение кое ќе постапува по кривичните пријави на СЈО.
Веќе објавивме војна против криминалот и таа војна ќе би силна, непристрасна и секој мора тоа што го украл од народот да го врати назад и да помине 10 години во “Бизнис Центарот во Идризово”.
„Специјалното обвинителство мора да продолжи со својата работа. Тоа е орган на прогонот и симбол на народната волја за справување со криминалот на злосторничкото здружение предводено од фамилијата на власт.
Специјални обвинителства и судови секогаш и секаде се формирале за специјални криминали и криминалци.
Секогаш ќе ја имаат нашата силна поддршка“, рече Слободан Богоески, носител на ИЕ 4.
Трајанов одговараше на прашања на новинарите, при што нагласи дека не ги прифатил објаснувањата на Никола Груевски, дека прислушувањето го вршеле странски служби, туку сосема сигурен бил, дека тие се вршени од МВР, за што уште пред две години барал расчистување на аферата и одговорност за тие што ги згазија човековите права и достоинство.