Дојче веле – Берлин
Либија пред 20 години се одважи на амбициозен проект: изградба на железничка пруга долга над 3.000 километри.
Но, изградени се само 3.000 метри од пруга по кои порано децата барем патуваа на училишните екскурзии. А денес…
Потребна е фантазија за да се сфати намената на огромниот комплекс на југозападниот дел на главниот град на Либија, Триполи. Фантазијата е потребна и поради тоа што многу нешта се покриени со дебел слој на прашина и песок, многу од тоа пропадна.
Меѓу редовите на белите бараки кои ги изградија Кинезите се наоѓа дури и една џамија, која исто така ја уништува времето. Тука е и една кино сала, па дури и спортски игралишта.
Тоа е седиштето на звучното име Libyan Railroads Execution and Management Board (ЛРЕМБ), институција на која и беше доверен амбициозниот план за изградба на нова мрежа на железнички пруги низ Либија. Во тој комплекс требаше да живеат стотици работници, но во Либија овие денови, подобро е да не се прашува кој живее тука денес (или кој се крие).
Али Салех е службеник на тој проект на „Либиските железници“ и на визиткартата се претставува како „директор на секторот за меѓународни односи и медиуми на ЛРЕМБ“. Со оглед на состојбата на тие бараки, тешко е да се каже на што тој е директор.
– Ние навистина сакаме да работиме, но сите градежни работи се запрени поради војната во 2011 година. Поради војната, целиот проект застана, објаснува Салех.
Работата ја добија Кинезите и Русите
Уште во 1998 година тогашниот либиски лидер Моамер Гадафи гордо објави: ќе биде изградена нова железница која ќе ја поврзува целата земја, од источната граница со Египет, па до западната со Тунис. Инаку, во Либија веќе постоеше железница која ја изградиле уште Италијанците во текот на нивното владеење (1912-1943) и се протегала на некои 1.500 километри.
Меѓутоа, од немарност или поради Сахара и пустинските бури, уште во 1963 година, по тој колосек помина последната железничка композиција. Потоа, во Либија едноставно немаше железници.
Првата пруга во Либија ја изградиле Италијанците, но таа уште во 60-те години престанала да работи
– Многу железнички станици се уништени во текот на власта на Гадафи, а крадци ги украле шините и ги продале како старо железо. Затоа овој проект требаше да биде нов почеток, објаснува директорот за односи со јавноста.
Тој во „Либиските железници“ бил вработен уште во 2003 година, во време кога тоа се уште било државен проект со одлични перспективи.
Сепак, како што тоа се случува во Либија, минатата година и дури во 2008 е постигнат договор за тоа која меѓународна фирма ќе ја гради железницата.
– Требаше Кинезите да го градат делот од границата со Тунис, до градот Сирт (пристанишен град 450 километри источно од Триполи, на околу половина пат). Од таму требаше да продолжат Русите и да изградат пруга се до границата со Египет, објаснува Салех.
Порано ученици, а денес…
Салех зборува покажувајќи на луксузно отпечатените рекламни материјали на компанијата на кои е и географска карта со предвидената траса, како фотографии на модерни возови. Дури, неколку композиции веќе се купени, некои дури и во САД. Но, Салех е загрижен за нивната судбина.
Имено, 17 локомотиви кои уште во 2008 година со брод стигнале во Хомс, сто километри источно од Триполи, од тогаш се во еден магацин. Но, што е со нив и во каква состојба се денес, тоа Салех не го знае.
Тука, во комплексот во Триполи, изграден е и дел од таа нова железничка мрежа, за да се покажува на гостите и делегациите.
– Редовно доаѓаа училишни екскурзии, се до 2010 година. Тоа всушност е кружно патување долго шест километри, бидејќи се изградени само три километри пруга, ни објаснува Салех, смеејќи се додека не води кон таа железничка композиција оддалечена неколку стотина метри.
Додека стоиме пред таа композиција со четири вагони која не оди никаде, наместо детски џагор, ни приоѓа маж кој видел дека нешто фотографираме. Не носи никаква униформа, но ни вели веднаш да го тргнеме фотоапаратот. Салех се обидува да му објасни што ние тука правиме, но мажот спомнува „неколку пријатели од Мисрата”, кои се вселиле во една од блиските бараки.
На Салех веднаш се му е јасно и не одвлекува од изложбената композиција, поранешна гордост на директорот за односи со јавноста. Мисрата е едно од главните бунтовнички упоришта и не е паметно пред нив да се биде љубопитен.
– Подобро да се вратиме во канцеларија и да избегнеме било какви проблеми, вели тој, видно изнервиран.
Куп проекти
Ники Гарднер е експерт за железнички сообраќај и ни објаснува дека тој либиски проект бил само еден од целата низа слични во арапскиот свет.
– Од 2005 до 2012 година, имаше повеќе амбициозни проекти на подрачјето на Магреб и на Блискиот Исток, но само неколку од нив навистина се завршени. Планирана е и обнова на линијата Хеџаз (од Дамаск во Сирија, до Медина во Саудиска Арабија, која е изградена уште во отоманското време и веќе одамна не е во функција) и изградба на Заливски железници од Кувајт, до Мускат во Оман, вели Гарднер.
Во тоа време Италијанците силно се залагале за изградбата на „Транссахарската железница”, која би ги поврзувала сите земји во северна Африка, до Црвеното море во Египет. Либискиот проект требало да биде дел од таа линија, иако проектот на Гадафи бил уште поамбициозен. Тој не предвидувал само траса крај брегот на Медитеранот, туку и линија која би водела низ пустината, се до 800 километри одалечената област Сабхе во срцето на Сахара.
Сигурно е дека тоа било своевидна награда на Гадафи во тој поранешен важен јазол на каравани на патот кон централна Африка, а кој долго беше упориште на силите на Гадафи, дури и тогаш кога тој беше симнат од власта во Триполи. И денес тоа е „јазол” но за бегалците од Африка на нивниот пат кон Европа. И таму повеќе никој не сонува за некаква пруга.
Работно време од 8 до 14 часот (со пауза)
Меѓутоа, во Триполи тој сон не е мртов. Каире Агила е инженер и тој се уште фантазира за железничка линија која би се протегала преку целата северна Африка. А кога ќе влеземе во либиското Министерство за сообраќај, во секторот за железнички сообраќај, едноставно не можеме да поверуваме на своите очи. Либија додуша има неколку стотици метри шини и ниту една композиција која би требала некаде да вози, но Министерството е преполно со службеници на таа непостоечка железница.
Велат дека останале 800 службеници и многумина се уште одат на работа во осум часот и заминуваат дома околу 14. Главно примаат и плата и ни објаснуваат дека ја „чуваат” „Либиската железница“ од крадци, со цел еден ден проектот да може да се продолжи.
И Омар ал Тергман од либиското Министерство за финансии не гледа ништо чудно во тоа што се уште во „Железницата“ се вработени неколку стотици службеници.
– Откако Либија ќе продолжи да ја извезува својата нафта и откако состојбата ќе се среди, проектот за железницата ќе биде обновен. Тоа е само прашање на време, вели Ал Тергман.
Дури, тој ни открива дека тоа не е единствен амбициозен проект: предвидена е и изградба на подземна железница во Триполи, но и тоа ќе биде направено „кога ќе дозволат околностите”.