Шкотска планира да биде дел од Европското економско подрачје (ЕЕА) и да го користи „норвешкиот модел“ за поврзување со ЕУ, откако Велика Британија ја напушти Унијата, откриваат медиумите во Единбург.
Овој досега необјавен план, што денеска им бил дотурен на некои медиуми, предвидува согласност на шкотската влада за давање право на државјани од земјите на ЕУ, да работат во Шкотска.
Тоа е предвидено и со „норвешкиот модел“ но за неговата практича реализација во шкотски услови , потребна е и согласност на Британија и на институциите на ЕУ.
Скептиците во Единбург предупредуваат дека ваков модел не постои во практиката на ЕУ- дел од една држава која се повлекла од Унијата, да има врска со ЕУ, преку членството во ЕЕА, но приврзениците на планот посочуваат дека Брисел веќе се соочува со преседан- досега никој не побарал повлекување и не заминал од Унијата.
На Шкотска со членството во ЕЕА ќе и се овозможи и без да биде членка на ЕУ, да биде дел од заедничкиот европски пазар, а Шкотлаѓаните да можат слободно да се движат и да се вработуваат низ земјите на Унијата, како и сите европски државјани.
Ваков статус веќе имаат Норвешка, Швајцарија, Лихтенштајн и Исланд. Како членки на ЕЕА овие земји партиципираат во буџетот на ЕУ, ги прифакаат најголемиот број од правилата и прописите на Унијата, но не гласаат за нивното донесување, како што тоа право го имаат полноправните членки на ЕУ.
Откривањето на планот на владата во Единбург, доаѓа само десетина часови по појавувањето на меморандумот на владата во Лондон, во весникот „Тајмс“.
Во него се посочува дека на британската влада ќе и требаат уште шест месеци за да се подготват за старт на Брегзит, како и дополнителни 30 илјади вработени во јавниот сектор за реализација на целиот процес.
Британскиот министер за транспорт Крис Грилиг, остар противник на ЕУ и силен застапник за Брегзит, утринава демантираше дека владата „знае за ваков моморандум„ и дека кабинетот е поделен околу Брегзит.
Подоцна, се разбра дека станува збор за „работен материјал„ на една консултантска фирма која работи за британската влада.