Активистот на Шарената револуција и кандидат за пратеник на СДСМ, Павле Богоевски денеска, во 11.30 по вторпат ќе седне во судница како обвинет за учество во толпа која предизвикала материјална штета врз Министерството за култура за време на протестите.
Првото судско рочиште беше одложено поради нецелосниот обвинителен акт – обвинителството не ја навело висината на предизвиканата штета. За денеска е повикано и лице од Министерството за култура кое треба да се произнесе за настанатата штета.
Петнаесет минути пред почетокот на судското рочиште закажан е собир на демонстрантите од Шарената револуција во знак на поддршка за нивниот соборец. Повикот е објавен на социјалните мрежи каде граѓаните се мобилизираат за да го поддржат Богоевски.
По одложувањето на првото судско рочиште, Богоевски порача дека ова е уште еден доказ за прогонот кон демонстрантите од страна на власта и додаде дека ќе одговара само доколку Груевски одговара за делата за кои го сомничи СЈО.