Интеграцијата на мигрантите е голем предизвик за Европа. Развиениот свет треба да им помогне на бегалците и на мигрантите да го остварат овој идеал, порача претседателот Ѓорге Иванов, на свеченото отворање на 4. Светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог, посветена на „Миграцијата и предизвикот на интеграцијата преку дијалог помеѓу религиите и културите“ која вечерва почна во Битола.
Според Иванов, колку и да се меѓусебно различни, светските религии имаат барем едно нешто заедничко, а тоа е дека секоја од нив настанала со повик да се напушти домот, со прогонство, бегство или миграција. Основачите на светските религии биле мигранти, бегалци, прогонети, изгонети…
– Не треба да не изненадува што во секоја од религиите централно место зазема повикот до луѓето да тргнат на патешествие. Повик да мигрираат од скептицизам кон вера, од бунтовништво кон помирување, од возгордеаност кон понизност, од омраза кон љубов. Бидејќи, да се верува значи да се патува. Со тоа, од мугрите на историјата и цивилизацијата, патувањето станало најсилната метафора за човековиот живот. А целта на тоа патување е потрага по смисла, значење, дестинација и дом. Но, истовремено, сведоци сме и на една повратна спрега. Како што миграцијата влијае на религијата, така и религијата или идеологијата влијае на миграцијата.Тоа влијание може да биде позитивно, рече Иванов.
Пример за тоа се мисионерите кои со својата пожртвуваност и со силата на аргументите ги освојуваат срцата и мислите на луѓето низ светот. Низ Хераклеа минувал античкиот римски пат Виа Егнатиа по кој апостолот Павле одел кон Западот, но и аџиите оделе кон Истокот. Од овие простори се и св. Константин ‒ Кирил и Методиј кои биле мисионери кај Сарацените, Хазарите и Словените. Тука се вратиле и нивните ученици, св. Климент и Наум Охридски, потсети Иванов.
Мигрантската и бегалска криза со која се соочува Европа, посочи претседателот, е последица на конфликтите на Блискиот Исток, кои, пак се последица на непочитувањето на старата поговорка која вели „Да не се отвораат старите рани“, а дел од тие стари рани се Ирак, Авганистан, Сирија…
– Овој хаос го користат монструозните движења како ИСИС, Боко Харам, Џабл ал Нусра… за да спроведуваат систематско уништување на цели заедници, на нивните домови и храмови. Прогонувањето на луѓе со различна вера и уверување е се поизразено, не само во несекуларни, туку и во развиени и секуларни општества. Во изминатите две години, најголем дел од бегалците што дојдоа во Европа потекнуваа од Блискиот Исток, рече Иванов.
Доаѓајќи во Европа, тие сосема природно, како што кажа тој, очекуваа дека со нив ќе се однесуваме онака како што и тие би се однесувале кон нас – со почитување на вроденото и неотуѓиво човечко достоинство.
– Наместо тоа, во многу случаи наидоа на затворени врати, на страв, предрасуди, недоверба и ксенофобија. Развиениот свет треба да им помогне на бегалците и на мигрантите да го остварат овој идеал, рече претседателот.
Според Иванов, предизвиците се решаваат без страв, бидејќи како што рече, стравот е филтер низ кој ги перципираме само заканите, но не и можностите што се пред нас.
За предизвиците говореше и министерката за култура Елизабета Канческа Милевска која предочи дека тоа што претставува предизвик во процесот на еден интегративен пристап во однос на интеграцијата на миграните е одговорот на повеќе отворени прашања.