Американската Комисија за хартии од вредност испратила писмо со кое известува дека не смее да се врши притисок врз лица кои се јавуваат како сведоци во судски постапки во САД. Поранешниот разузнувач Слободан Богоевски треба да добие заштита поради својството на сведок кое го има во судската постапка која се води во САД против поранешните водечки функционери на „Маѓар Телеком“.
Писмо со вакво известување испратила Американската Комисија за хартии од вредност (СЕК) откако Богоевски беше тужен од страна на првите на луѓе на ДУИ, Али Ахмети и Муса Џафери кои во сведочењето на ексразузнавачот препознале елементи на клевета, oбјави Дојче Веле.
Во август минатата година, СЕК го отвори за јавноста исказот на Богоевски даден во рамки на постапката која се води против тројцата поранешни менаџери на „Маѓар Телеком“, Елек Штрауб, Андраш Балог и Тамаш Марваи пред судот во Њујорк. Во него, Богоевски меѓудругото тврди дека двајцата високи функционери на ДУИ примиле мито од „Маѓар Телеком“ од по 2,5 милиони евра.
Ахмети и Џафери тужеа поради ваквото тврдење и бараат отштета од 90 илјади евра. Рочиштето во Основниот суд Скопје 2 денеска беше одложено бидејќи не биле испочитувани роковите за одговор на тужбата.
Богоески се закани со контра-тужба против Ахмети и Џафери доколку не ја отфрлат тужбата, оценувајќи ја истата како обид за „амортизација“ на неговото сведочење во Њујорк.